
Дипломатски извори тврдат дека е можно Германија да побара од Грција на 17 јуни сама да каже дали ќе го блокира почнувањето на преговорите за Македонија, без да ја добие солидарноста на другите земји-членки
Дали на 17 јуни ЕУ ќе се солидаризира со грчката блокада на македонските преговори како што тоа се случи во декември?
Дипломатски извори за „Нова Македонија“ тврдат дека е можно Германија да инсистира Грција сама да одлучи дали ќе го блокира почнувањето на преговорите за Македонија. Тоа значи дека Јоргос Папандреу на 17 јуни би можел да остане без солидарноста на своите колеги од ЕУ и од него би се барало самиот отворено да каже - или вето, или, пак, да се реши да даде зелено светло за почнување на преговорите.
Европската Унија веќе бара решение за тоа како да се спречи можноста земјите-членки на ЕУ да ги блокираат државите-кандидатки поради билатералните спорови. Една од опциите што се разгледуваат во Европскиот парламент за ЕУ во иднина да се спаси од македонско-грчката ситуација е доколку се појави билатерален проблем што ќе ги загрози преговорите, да мора да се решава со меѓународна арбитража.
- Тоа би бил превентивен политички механизам, со кој би се спречила идна македонско-грчка ситуација - оцени Зоран Талер, европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент.
Вториот предлог за спас од билатералните проблеми го даде бриселскиот влијателен тинк-тенк Европски совет за надворешни односи. Организацијата предлага билатералните прашања да се решаваат во посебно преговарачко поглавје „регионална политика“, за да се спречи можноста земјите-членки на ЕУ да го условуваат почнувањето на преговорите или, пак, да ги блокираат другите преговарачки поглавја.
Во вчера објавениот брифинг, организацијата предлага да се воведе обврска земјите-кандидатки да мораат да ги решат споровите или со арбитража, или, пак, во меѓусебен договор со земјата-членка.
Во документот се оценува дека кредибилитетот на ЕУ опаѓа во земјите од Западен Балкан што цела декада се во чекалницата на ЕУ, а балканските лидери не се сигурни дали ги „сакаат во клубот“.
„ЕУ треба да воведе јасна, реалистична и мотивациска програма за да им помогне на балканските земји да бидат во форма за членство - цел што ќе се постигне за повеќе години“, се вели во брифингот.
Бриселската организација бара ЕУ да го почне процесот на скрининг со земјите од Западен Балкан и да им даде детална мапа за тоа што треба да се направи во секоја област.
притисок за грција од германија ???
LOOOL
Comment