
Грција се гранични со четири земји, на северозапад со Албанија, на север со Македонија и со Бугарија, а на исток со Турција. Вака грчката туристичка страница ецо2даѕ.гр ја опишува Грција, рекламирајќи ги грчките имоти на продажба, како и прекрасните острови.
Од грчката канцеларија за врски ова го посочуваат како доказ дека во нивната земја има слобода на говор и изразување.
- Има и други грчки граѓани што ја нарекуваат вашата земја Македонија. Тоа е така затоа што Грција има слобода на изразување. Нема закон во Грција врз база на кој би ги санкционирале тие граѓани. Знаете за случајот „Валијантос“, пратеник од ПАСОК, кој се заложуваше за правата на протераните Македонци од Грција. Тој беше исклучен од партијата, но никакви законски санкции немаше кон него - велат од грчката канцеларија.
Тие сепак сакаа да ја погледнат интернет-страницата.
Особено интересно на страницата е тоа што, покрај рекламирањето на убавините на трите илјади грчки острови, во еден дел се опишува Пелопонезиската војна (431-404 г. п.н.е.).
„Тоа беше 27-годишна војна со кратки периоди на мир. Ги уништи сите грчки држави и донесе мизерија и глад. Војната ги остави грчките земји толку слаби, што тие беа лесно окупирани од Македонија“, стои на интернет-страницата, со која се рекламира Грција како туристички и инвестициски рај.
Според официјалната грчка политика и историја, Античките Македонци биле дел од грчките племиња, а Филип Втори и Александар Трети обединители на Грција.


