Yet another sad story

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Jankovska
    Senior Member
    • Sep 2008
    • 1774

    Yet another sad story

    Откако локалната власт ја рушила општинската куќа во која Панда Ѓорѓиева 20 години живеела како социјален случај, повеќе од една година нејзин дом е лифтот од некогашната стоковна куќа во Неготино

    Лифтот во некогашната стоковна куќа во Неготино е дом на 48-годишната Панда Ѓорѓиева. Осамената, преплашена и премрзната жена ја најдовме легната на картони во лифтот, во кој живее 14 месеци. Целиот нејзин живот го собрала во неколку картонски кутии сместени во неколкуте квадрати. Ги стиснала крај себе, чиниш сака да се стопли со нив. На видно место до главата и' е здравствената книшка.

    - Еве овој лифт ми е дом. Летото ај се трпи, ама пуста зима не врви. Се изразболев. Се' ме врти, се' ме клука. Целата снага ми се тресе. Рацете ми се фатија од студ, а од нив чекам се'. Тие ме ранат. Ако не аргатувам, треба и да гладувам - вели Ѓорѓиева.

    Неготинци ја знаат како мирна и чесна жена, која работи како хигиеничарка.

    - Чистам по куќите во градот, што да правам. За една корка леб се мачам. За да преживеам. Социјално земам, ама не ми стига. Еве сега и тука во стоковната што беше има повеќе дуќани и тука чистам. Така и влегов во овој лифт. Луѓето испаднаа хумани, ми дозволија тука да спијам. Затоа сум им многу благодарна. Ако не беа тие, досега ќе испуштев душа на овој студ - вели таа.

    Ѓорѓиева кажа дека со години била бескуќник и дека одамна не почувствувала што значи да си легне како човек. Над 20 години живееле со семејството во познатата Желкова куќа во центарот на Неготино, со дозвола од надлежните. Но, општината ја урна старата куќа и таму направи туристички центар.

    - Светот ми се урна кога ја рушија Желкова куќа. Таа беше мојот дом, ако беше стара. Поарно самата да ми паднеше врз главата, па и да ме поклопеше, немаше да ми биде мака. Ќе ме куртулеше од сиромаштијата. Вака не се трпи, да нема кај да измијам глава. Ова е кучешки живот. Та и некои од кучињата имат поарни куќички од мојот лифт - се жали жената.

    Претходната локална власт и' ја урна куќата, а со уривањето загубила и дел од скромната покуќнина. И дале некој денар отштета, но тоа не било доволно. И претходната и оваа власт и' ветувале, но не го решиле проблемот.

    - На сета сиромаштија отидов и во Скопје, ама се вратив без помош. Во општината ми рекоа најди си куќа ние ќе ти ја плаќаме. Јас најдов една општинска, ама таму живее друга жена, која има куќа, но не сака да се исели - вели Ѓорѓиева.

    Нејзината ќерка била мажена, едниот син живеел со нејзината мајка, а другиот со фамилијата останал да живее во шупата што семејството Ѓорѓиеви ја изградило до Желковата куќа. Сопругот на Панда два дена преспал во лифтот, но вели дека бил алкохоличар и се плашела да остане тука.

    - Го избркав оти ми беше страв да не скрши нешто ако се опие. Се плашев да не ме избркаат и мене. Не сакам овде да прави бели. Сега не знам каде е. Јас тука бев сама и за Нова година. Секој ден умирам по малку. Солзите мои ќе ги казнат сите што не веруваат во сиромаштија - вели таа.

    Во близина на лифтот има тоалет од кој се слушаше капење на чешма и допираше непријатна миризба.

    - Сама сум и сонувам за радио и телевизор. Ама богаташите не им веруваат на сиромасите. Нема правда - вели револтираната жена.

    Ја оставивме да се надева на помош од надлежните и од добрите луѓе. Ладно е во лифтот, надвор е неколку степени под нулата, а таа не може да ја затвори вратата оти се плаши да не се задуши.

    - Ќе се видиме пак, ако ја преживеам зимата - ни рече на испраќање со плач.

    Во локалната самоуправа во Неготино не знаеле дека Ѓорѓиева живее во лифт. Велат дека бил даден налог да се исели жената од општинската куќа во која сака да се всели Панда Ѓорѓиева, но се појавил проблем. Цело маало потпишало петиција дека не го сака во своја близина сопругот на Панда, оти бил алкохоличар. Градоначалникот Пане Трајков ни рече дека ќе направат се' што можат за да помогнат. Додека да стигне помошта, Панда ќе остане да живее во лифтот.
Working...
X