АКО ЈА СПАСИМЕ МАКЕДОНИЈА,...

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • DedoAleko
    Member
    • Jun 2009
    • 969

    АКО ЈА СПАСИМЕ МАКЕДОНИЈА,...

    АКО ЈА СПАСИМЕ МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ГО СПАСИМЕ СВЕТОТ!

    Отворено писмо на потпретседателот нна Светскиот Македонски Конгрес и Шеф на Постојаната мисија на Светскиот Македонски Конгрес во Обединетите Нации, професор Нестор Огинар, по повод најновиот предлог на медијаторот Метју Нимиц за промена на државното има Македонија




    1 мај 2013 година, Њујорк, САД -

    Повод за моево последно јавување е последниот скандалозен “предлог“ на Метју Нимиц, медијаторот на генералниот секретар на Обединетите Нации во македонско-грчкиот “спор“, како и уште поскандалозното однесување на сите македонски политички субјекти.


    На 23 октомври минатата година, во Њујорк, со посредство на новинарот Слободан Томиќ и во негово присуство, имав повеќе од едночасовна средба со медијаторот Метју Нимиц, на која се потврдија моите долгогодишни стравувања дека зад јавната маска на медијаторот, зад тивкиот и смирен тон на говор, зад таа малечка фигура потоната во класичен костум на “Brooks Brothers“ се крие повеќеглавиот “Голем брат“ со пипки во Брисел, Лондон, Париз, Вашингтон, Берлин, Атина и сите главни градови на Балканот, вклучувајќи го и Скопје, мојот роден град, каде што за првпат “заплакав“ на почвата на слободна Македонија во 1947 година.


    Се потврдија моите стравувања дека мандатот на медијаторот, чиишто овластувања дадени во рамките на ОН беа да посредува исклучително за разликите околу приемот на Македонија во ОН, беше грубо прекршен со посредство на силите на “Големиот брат“, но и со неверојатно наивната и ноторна политика на сите македонски политичари од осамостојувањето па се’ до ден денешен.


    Се потврдија моите стравувања дека зад многуте маски во “оазата на мирот“, зад долгата колона на “големите патриоти“, од почетокот, како и денес отелотворени во владеачката партија и нејзиниот политички врв, се кријат луѓе со вроден недостаток на органска љубов и инстинкт за одбрана на Македонија, луѓе без морална и политичка одговорност и чувство на лично и национално достоинство, луѓе кои што незнаат, неможат и несакаат да ги вршат основните функции на одговорност за коишто беа избрани со слободната волја на македонскиот народ. А, тоа е: да го бранат и чуваат севкупниот суверенитет и интегритет на државата и нејзините национални интереси, да го почитуваат и спроведуваат нејзиниот Устав, да го почитуваат нејзиното име и да се залагаат за сеопшта и натпартиска добробит на народот.


    И на крајот ми се остварија стравувањата дека во долгата петта колона на македонскиот марш, се вбројуваат и денешниве генерации на политичари, чиишто маски пополека паѓаат, откривајќи ги нивните вистински обезличени физиономии.


    Денес, Македонија ја доживувам како брод насукан на остри гребени во немирно море, напуштен од целата посада, со искршен компас, со патници оставени самите да решаваат за продолжената агонија на нивната неизвесна пловидба. Ја доживувам Македонија како семејство во куќа што гори, со деца чиишто родители ги напуштиле како сирачиња оставајќи им самите да одлучат како да го гаснат огинот.


    Денес, Македонија ја доживувам како драма во театарот на трагичната апсурдност, во последниот чин во којшто паѓаат маските на главние актери, откривајќи ја срамната голгота на сцената, на којашто трчаат да се скријат зад толпата на хорот, во длабочината на мизансцената, викајќи “референдум, референдум“!


    И ете, токму поради овие мои чувства на немир и неспокој, сакам да упатам повик до носителите на судбинските политички одлуки: претседателот на државата, премиерот, собранието, сите македонски политички субјекти во власта и опозицијата: Вршете ја Вашата должност за која сте избрани од народот кој својот историски избор го направил долго пред Вас! Бранете ја, чувајте ја и негувајте ја македонската држава што ни е оставена во наследство од претходните генерации! Толку имаме право да бараме од Вас! Во спротивно, напуштете ја сцената и фаќајте магла пред да се спушти и последната завеса!


    А, до македонскиот народ, кој не смее да остане пасивен набљудувач и соучесник во своето сопствено самоуништување, во продолжениот геноциден чин во македонската трагична драма, ја упатувам следнава порака со сесрдна љубов и надеж, дека заедно ќе им оддолееме уште еднаш на студените ветришта на нашата заеднична небиднина. Пролетта и Воскресението доаѓаат и во Македонија!


    Драги мои Македонки и Македонци, распрскани низ сите меридијани на македонскиот историски прогон, Ве поздравувам со неколку куси мисли со кои легнувам и станувам катаден во овој наш немирен и неизвесен свет, во кој сите ние ја врвиме неизбежната голгота на самопронаоѓање, самооткривање и самопочитување како Македонци, каде и да сме, без тие вредности нашите животи стануваат бесмислени. Ве поздравувам со мислата дека ниту еден Македонец не е изгубен, дека не сакам да живеам во свет во којшто ја нема Македонија и дека ако ја спасиме Македонија ќе го спасиме и светот! Иако живеам и работам како професор по англиски јазик и литература во Њујорк повеќе од 43 години, јас со гордост велам: Јас сум прво Македонец, па потоа се’ друго и ќе можам да бидам, се’ друго единствено ако другото му го претпоставам на Македонецот во мене, оној Македонец кој секогаш помни и не заборава. Оној Македонец на кого во ушите сеуште му трепери гласот на мајката која му пее на мајчиниот јазик. Оној Македонец кој сеуште ја чувствува топлата рака на татко му како го буди од мирниот сон и го учи за милозивоста на живеењето во семејството полно со топлина, љубов и народни традиции.


    Ете, овие и такви вредности ме одржуваат во живот полни 66 години, во чиишто текови никогаш и за ништо не се отуѓив од себеси самиот и од моето македонско дрво со длабоки историски, културни и духовни корени.


    За жал, денес сите ние Македонците, каде и да сме, стануваме свесни за тоа дека нашите македонски негатори и душмани, и внатре и надвор, работат со се’ позасилена пропаганда со која бараат од нас да се откажеме од она што за нас е најсвето, она без кое што ние би престанале да постоиме и за светот и за самите себеси. Тоа е нашето има МАКЕДОНИЈА! Затоа, мораме да се спротиставиме насекаде и секому, и во светот и во нашата татковина, на оние грозоморни сили на нашето уништување! А, тоа ќе го направиме единствено ако разбереме дека не постои партија или партии, а уште помалку партиски лидери и политичари, на кои што би им ја препуштиле нашата сенационална судбина. Ве предупредувам, а Вие секако тоа го знаете, дека секој еден кој што разговара, преговара или заговара било какви додавки и придавки на нашето име Македонија, со или без референдум, е велепредавник кого мора да го стигне заслужената историска казна! На сите нив, Јас, заедно со Вас им велиме: Македонија е нашето име и идентитет, нашата гордост и достоинство, нашето свето наследство запишано во сеќавањето на безбројни македонски генерации од памтивек и за навек! Никој, никој нема право, сила и моќ да го смени нашето име Македонија! На сите Вам, домашни и белосветски неранимајковци, ние Ви велиме: Кои сте Вие да ни кажете кои сме и што сме? Ние сме Македонци! Нашата земја е Македонија, нашиот јазик, култура, историја и традиции се македонски и ние сме подготвени да ги чуваме, негуваме и браниме тие вредности со сите расположиви средства.


    Господа негатори на нашето неотуѓување и свето право, слушнете го нашето толкување на бессмртната библиска мудрост, дека ниту еден човек не е острово само по себе целост, дека сите ние сме дел од едно копно, од еден извор на животот, од едно тело. Ако Македонија исчезне тонејќи во бездната на заборавот, зарем Европа нема да биде помалечка, посиромашна? Ако ги нема Македонија и македонскиот народ на европското копно, со што ќе ја исполните таа огромна духовна култура, забележана во Библијата и историските книги, која го облагородува од памтивек празниот европски простор? Што ќе им кажете на Вашите идни генерации кога ќе Ве оптужат за тоа дека бевте ладнокрвни извршители и соучесници во геноцидот на еден древен библиски народ кој што отсекогаш барал да живее како свој на своето под ова сонце што сите подеднакво не грее? Затоа, не прашувајте за кого беснеат морските бранови, за кого навираат темните облаци на небесниот свод, за кого бијат камбаните на неизбежната универзална правдина, ако не за Вас, за Вашата рудиментирана совест и Вашиот непростлив грев, кој ниту Бог, ниту историјата, ниту ние Македонците ќе Ви го простиме!


    Драги мои Македонци, ете тоа се мислите што Ви ги испраќам од далечниов Њујорк, од мојот македонски дом, со мојата сопруга Милица, моите три деца Филип, Пена и Роден и нашето растечко и неуништиво семејство. Помнете и не заборавајте, дека сте Македонци и дека Вие и само Вие можете да ги одбраните нашите македонски вредности. Секој од нас и сите заедно!


    Поздрав и длабока почит со надеж дека мораме да успееме во нашиот опстој и подем! Професор Нестор Огинар.

    извор: http://www.mn.mk/aktuelno/7692-AKO-J...SPASIME-SVETOT
Working...
X