Може да се постави суштествено и многу важно прашање во процесот на етногенезата на Македонците: дали е соодветна употребата на терминот македонски народ за периодот пред 19 век? Дилемата се јавува и поради тоа што за истиот период во историографиите на сите балкански земји редовно се употребува терминот нација, односно народ со соодветна атрибуција (српски, бугарски, грчки, романски, албански, словенечки, хрватски народ), но никаде не сме сретнале српски Словени, бугарски Словени, словенечки Словени, хрватски Словени и сл. Ова уште повеќе што со терминот нација се означува општествена заедница на луѓе кои говорат со ист јазик и кои поминале и доживеале заеднички економско-политички и културно-социолошки развиток, а што е најсуштествено, се исполнети со свест за заемна припадност и целовитост во односот кон другите народи. Во контекст на вака поставената проблематика ќе треба да обрнеме превасходно внимание на јазикот како еден од најзначајните атрибути на нацијата, односно народот, бидејќи како што своевремено истакнал П. Кречмер: „Ниедно културно богатство не е толку трајно и долговечно како што е јазикот. Особено се непроменливи и постојани имињата на местата, дури и тогаш кога населението се променило“. Во тој правец ќе го разгледаме повторно значајното научно сознание за постоење на блискост на македонскиот современ јазик со Хомеровиот јазик, односно на словенските јазици со јазикот од постарите лексички наслојки во Хомеровиот еп „Илијада“. Тоа, своевремено, уште во далечната 1815 година го констатирал германскиот лингвист Л. Ф. Пасоф, а веќе во 1845 година неговиот труд за Хомеровата лексика е преведен на англиски од Х. Џорџ и објавен во Њујорк. „ Во својот труд Пасоф утврдил дека голем слој од Хомеровата лексика во „Илијадата“ и припаѓа на лексиката од словенскиот јазичен сојуз. Бидејќи македонскиот јазик припаѓа на овој сојуз, а според повеќе истражувања античкиот македонски јазик бил истороден со пелазгискиот како најстар балкански јазик, сосема е оправдан заклучокот дека Хомеровиот јазик е навистина близок до современиот македонски јазик во одредени лексички елементи кои се зачувани во постарите изданија на „Илијадата“. Тоа, впрочем, го покажаа и најновите споредбени лексички проучувања на Одисеј Белчевски, меѓу македонскиот јазик, од една страна, и Хомеровиот јазик, од друга страна, зачуван во најстарите преписи на „Илијадата“ за што говоревме претходно.