Преку дистрибуција на книги во речиси сите меѓународни организации, во кои ќе биде презентирана вистинската слика за односите помеѓу Бугарија и Македонија, историчарите од Македонија ќе се бранат од налетот на бугарскиот национализам. Неколкумина македонски историчари своите најнови изданија ќе ги испратат до Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, како и до амбасадите на сите земји од Европската унија за да се укаже дека земја-членка на Унијата се служи со невистини кои имаат цел негирање на македонската нација, различна од бугарската. Тоа претставува своевидна контраофанзива на неодамнешната провокација на бугарскиот Културен центар во земјава, кој на посетителите им делеше книги во кои Македонците се претставени како неизоставен дел од бугарската историја. Едно од изданијата, кое полемизира со овие бугарски тези, е делото „Историски соочувања“ на д-р Михајло Миновски, во кое се презентирани факти за односите меѓу Македонија и Бугарија од античкиот период до денес. Во него јасно е истакната посебноста и потеклото на македонскиот и на бугарскиот народ, како и документи од кои се гледа зошто Бугарија константно ги негира македонска нација и јазик. - Потребно е што повеќе наслови од македонски автори да бидат преведени на неколку јазици и дистрибуирани насекаде низ светот како што тоа константно го прави Бугарија и на тој начин ја шири својата верзија за историјата на односите со Македонија - вели Миновски. „Бугарскиот карактер на Македонија“, „Десетте лаги на македонизмот“ и многу други наслови се дела кои директно навлегуваат во нашиот идентитет и токму затоа историчарите повикуваат на научна дебата меѓу историчарите и академиците од регионов и отворање на архивите и на историските документи кои точно говорат за националната и за државната посебност на македонскиот народ. При објавувањето на историските документи мора да биде истакнат периодот во кој живееле македонските револуционери за да се избегне впечатокот кој го имаат многумина, дека се работи за Македонци кои имале нагласен бугарски идентитет. Книги во кои се презентира македонската историја во поголемите светски библиотеки веќе подолго време испраќа и Институтот за национална историја. Директорот на Институтот, Тодор Чепреганов, вели дека делото „Историја на македонскиот народ“, дело на повеќемина автори, е испратено до неколку светски универзитети, но смета дека тоа не е доволно. Тоа се само инцидентни случаи поради недоволната поддршка што ја имаат од државните институции, пред се од Министерството за култура. - Бугарија, за разлика од нас, вложува многу пари за што повеќе книги, во кои се негира македонскиот народ, да бидат преведени на англиски и достапни на што повеќе луѓе. На тој начин тие ја шират својата пропаганда на која ние не сме подготвени да одговориме соодветно - вели Чепреганов. Историчарот Александар Литовски вели дека бугарската држава на овој начин функционира со децении и тоа е смислена стратегија за негирање на македонската нација. Затоа Македонија мора да одговори со постојана презентација на дела од македонски автори за да се подигне свеста за презентирање на вистината во односите меѓу Македонија и Бугарија. - Во изминатиот период премногу се фокусиравме на античкото минато и подзаборавивме на периодот на 19 и 20 век, кој е најзначаен за нас. Потребни се многу повеќе дела во кои ќе се претстави вистината за македонската историја - вели Литовски.