Македонското етничко малцинство во Грција е навредено од соопштението на грчкото МНР во однос на Извештајот независниот експерт за малцинства на ОН.
Со соопштението, грчкото министерство за надворешни работи се обидува да се оправда, но и ги навредува грчките граѓани кои се членови на етничките малцинства. Имено, во извештајот независниот експерт за малцински прашања на Обединетите нации Мак Дугал, забележува недостаток на демократија во Грција, бидејќи државата на ги почитува правата на етничките, јазичните, верските и другите малцинства.
Во соопштението, грчкото МНР имплицитно го признава фактот дека одбива да го признае македонското и турското малцинство во Грција, а при тоа со непристојни епитети ја навредува Организацијата на Обединетите нации, се вели во реакцијата на Европската слободна алијанса Виножито – организација на македонското етничко малцинство во Грција.
Политичкиот секретаријат на Виножито забележува дека во Турција има околу 2000 грци, па сепак тие иако се малубројни, се признати како малцинство во земјата и нивните права се почитуваат. Истиот случај го има и во јужна Албанија, каде неколку илјади лица се декларирале како грци, па ги уживаат своите етнички малцински права. Меѓутоа, грчкиот политички режим иако тврди дека на малцинствата им ги почитува „правата за лично самоопределување“, тогаш тоа не треба да биде само напишано на хартија, туку на етничките заедници треба официјално од државата да им се признае јазикот и името на нивната етничка земја, што не е случај на грчката територија.
Но, хипокритизмот на грчката дипломатија и внатрешна политика не застанува тука. Во соопштението на грчкото МНР во однос на меѓународните институции, како што е Советот за човекови права на Обединетите нации, стои изјавата:
„Овие механизми не треба да се трансформираат, непосредно или посредно, во прилика или алиби за одредени лица, кои свесно се обидуваат да ги искористат за промовирање на нивни цели на ниво на меѓудржавни релации. Исто така не ќе треба да стануваат алат во рацете на тие лица што поради лични цели намераваат развивање на лоша клима и вознемиреност во внатрешноста на едно општество“.
Оттука произлегува дека Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа, Обединетите нации и другите меѓународни организации кои одлучиле да ги заштитуваат човековите права, меѓу кои спаѓаат и правата на слободно изразување на етничката припадност, јазик, вера и слично, за највисокото грчко дипломатско тело се „малоумни“, „сомнителни“ или „без знаења“, велат од Виножито. Така, овие организации добиваат критика од страна на Грција дека даваат алиби за промовирање на „антигрчки цели“ во меѓудржавните односи, односно дека највисоките меѓународни организации се всушност „алат“ за создавање неповолна клима и вознемиреност во внатрешноста на Грција.
„Ние, како етнички Македонци кои живееме во Грција, како грчки граѓани, жалиме и се спротиставуваме на оваа политика, една политика за жал која се спроведува од сите партии, која трае многу децении. Имајки висока свест на припадноста во колективитет на граѓани, чуствуваме дека едно такво однесување (независно од национален, јазичен или друг идентитет) преставува срам за европската цивилизација и исто така, сметаме дека такви изјави, ја навредуваат веќе директно нашата интелегенција и ја прават резил државата на локално и меѓународно ниво“, пишува во реакцијата политичкиот секретаријат на Е.С.А. Виножито.