
Најмалку шест прекуокеански бродови во 19 и 20 век го носеле името Македонија и учествувале во важни историски настани во светот
Бруклин, 7 мај 1846 година. Стотици работници излегуваат од прекуокеански брод и се упатуваат на пристаништето. Конечно, по долг и напорен пат, печалбарите доаѓаат во ветената земја - САД. Меѓу нив е и Џејм Хоулан (35), чевлар од Ирска, кој две недели пред тоа се качил на бродот во Ливерпул со една единствена цел: да почне нов живот. Пред да зачекори на бруклинските улици, за последен пат фрла поглед кон бродот што го донесе од Британија. На крмата со големи букви стои името Македонија.
Ова бил еден од првите парни прекуокеански бродови што редовно пренесувале патници преку Атлантикот - главно емигранти. Овие револуционерни пароброди го скратиле времето на патување преку барата од неколку месеци на само 14 дена. Зошто бродот бил наречен Македонија? Одговор побаравме од Националниот поморски музеј на Австралија, кој има податоци за илјадници бродови низ историјата. Нашиот соговорник Џилијан Симпсон, библиотекар во музејот, со задоволство прифати да разговара со нас.
ШЕСТ ПАРОБРОДИ
Симпсон ни објасни дека постоеле најмалку шест пароброди што го носеле името Македонија од 1850 година наваму.
- Во различни верзии на изданија на регистри на бродови открив шест брода што го носат тоа име. Според тоа, името Македонија не било реткост при именувањето на бродовите, но не можам со сигурност да ја кажам причината зошто биле наречени токму така. Една од можните причини е што некои од компаниите што ги поседуваат и ги нарачуваат бродовите често користеле топоними во нивното именување - објаснува библиотекарот.
Најголем број од бродовите наречени Македонија биле регистрирани во Велика Британија, а дел биле во сопственост на компании од Германија и од Шведска. Денес фирмите-сопственици не постојат. Иста судбина имаат и бродовите на кои било гордост да се служи, бидејќи биле големи, убави и модерни. Тие учествувале во важни историски настани - војни, масовна емиграција, бунтови и слично. Секој од нив си имал своја историја, а се издвојува еден, кој бил и најголем.
РЕКОРДНО ДО ШРИ ЛАНКА
Само три недели пред да се крене Илинденското востание во 1903 година, на 2.500 километри од Крушево, на бродоградилиштето во Белфаст бил завршен прекуокеанскиот пароброд Македонија. Имал шифра 116012, бил долг импресивни 160 метри, можел да собере 377 патници во прва класа и уште 187 во втора, имал екипаж од 370 луѓе, а можел да се движи со брзина од 18 јазли (околу 33 километри на час). Крштевање на бродот било во наредната година, кога заминал од Лондон на пат за Бомбај, Индија. На своето прво патување Македонија спасува морнари што доживеале бродолом, но тогаш се случува и првата несреќа - судир со бродот Кристијан 9. По само три недели Македонија плови повторно, во нови авантури. Во 1907 година го руши рекордот со најбрзото патување од Западна Австралија до Шри Ланка. Седум години подоцна, на почетокот на Првата светска војна, од транспортен Македонија се претвора во воен брод.
На него биле монтирани 8 топа и за кратко време бил пуштен во акција. На 3 декември 1914 година Македонија и уште два брода биле упатени кон Фокландските Острови во близината на Аргентина, каде што по кратко време имало голема поморска битка. Британците потопиле четири германски бродови. По оваа победа британската флота се вратила, а на Фокландите останал бродот Македонија. Неколку дена подоцна тој сам го потопил бродот Изабела. Македонија го дочекал крајот на светската војна. Кога бил направен, бродот чинел 340.000 фунти, а по војната бил продаден за 25.000 фунти во Јапонија. Во 1931 година Македонија бил расклопен на делови.
Денес голем број потомци на емигранти бараат роднини користејќи ги податоците од бродските бележници, кои грижливо се чуваат во музеи и во приватни колекции. На интернет постојат десетици такви страници на кои се објавуваат списоци на патници со точен датум на поаѓање и точно време на пристигнување во САД. Меѓу стотиците имиња е и името на чевларот Хоулан. Иако бродот со кој стигнал во САД веќе не постои, споменот за него останал врежан во неговото, но и во сеќавањето на неговите потомци.
Македонец бил гордост на американската морнарица
Морнарицата на САД за време на Англо-американската војна во 1812 година посебно била горда на бродот Македонец. Станува збор за едреник што во почетокот од војната бил во служба на Велика Британија, но подоцна бил заробен од САД. Македонец бил фрегата со 38 топа, долг 45 метри. Американската морнарица го користела и по завршувањето на војната како комерцијален брод. Меѓу луѓето што имале чест да се качат на палубата на Македонец бил и Вилијам Хенри Леонард По, брат на познатиот поет и писател Едгар Алан По.
Comment