View Single Post
Old 04-29-2012, 02:51 PM   #4
Niko777
Senior Member
 
Niko777's Avatar
 
Join Date: Oct 2010
Posts: 1,488
Niko777 is on a distinguished road
Exclamation

Today's edition of Dnevnik:

1000 Churches await to be robbed



Quote:
НЕЗАШТИТЕНО ЦРKОВНО БОГАТСТВО


Илјада цркви чекаат да бидат ограбени



Околу илјада православни цркви во земјава, главно од 18 и 19 век, чекаат да бидат ограбени по примерот на серијалот кражби на икони и пари што се случуваат, а кои кулминираа со ограбувањето на осум цркви во последната недела. Најмалку толку цркви се незаштитени, со оригиналните икони во нив, каси со пари од верниците, од кои крадците ги делат само лесно заклучени дрвени порти или прозорци.

Случајно или не, речиси сите кражби се случиле во подрачјето на западниот или југозападниот дел од земјата, додека кражби воопшто немало во источните делови на земјата.

Во исто време, пред десетина дена во струшкото село Лабуниште беа осквернавени и православните гробишта. Во минатата недела полицијата откри дека сторители на серија кражби во Тетовско се емигранти од Албанија кои нелегално престојувале во нашата земја.

Додека сигурноста на црквите постојано слабее во триаголникот на црковните управи, полицијата и државните заводи за заштита, бројот и вредноста на украденото богатство од македонските цркви стануваат с` поголеми. Процените се дека од периодот на 50-тите години од минатиот век до сега се украдени околу 20.000 икони, артефакти и други сакрални предмети, с` она што било вредно и што претставувало вредно уметничко богатство. Голем дел од нив досега воопшто не се пронајдени и покрај фактот што од кражбите поминале и повеќе од четириесетина години.

Струшко сардисано од крадци

Kражбите низ црквите во Тетовско и Гостиварско, во Полошко-кумановската епархија на МПЦ-ОА, само се последни во што се случуваат последниве месеци и години во западниот дел од земјава. Тие се надоврзуваат на кражби што се случуваат и во Преспанско-пелагониската епархија, од храмовите околу Преспа, Битола, Прилеп..., каде што само за кус период беа украдени 30 икони, од кои 12 беа големи престолни икони за чиј транспорт било потребно комбе-возило. И во Дебарско-кичевската епархија последниве месеци се крадеа десетици и десетици икони, при што само од црквите во Струшко само во една година, 2010, биле украдени дури седумдесетина икони. Тоа се само понови податоци што се надоврзуваат на црната статистика што се води во МВР и која покажува дека само во периодот од 1962 до 1986 година е евидентирана кражба на околу триста икони и други вредни предмети. Полицијата наведува и еден фрапантен податок дека во 1972 година во повеќето полициски органи биле уништени евиденции за кражби на икони заради застареност на случаи.

Црква што е обезбедена само со заклучена врата и за која се грижи никој од селото, е најчестата пречка со која се соочуваат крадците. Наспроти ова, надлежните кои би требало да се грижат за заштитата досега спомнуваа многу идеи како да се спречат кражбите - од воведувањето сигурносни камери, чуварски служби, па с` до поставување копии на иконите чии оригинали би требало да бидат сместени во сигурните музеи и депоата.

- Селата се празни и нема многу луѓе во нив за да се чуваат црквите. Но поголем проблем е што државните институции се оглушуваат од барањата на црковните власти. Се повикуваат на некои закони со кои на крај н` спречуваат да ги заштитиме иконите така што ќе ги собереме на сигурно. Се здружуваат со месното население од црковните одбори и тие ни се спротивставуваат, како ние да сакаме да им ги украдеме иконите. Апсурдот е што ние како сопственици на црквите, на крајот, немаме право да се грижиме за нив. Јас имам право да се сомневам дека тоа и се прави во соработка со тие што ги крадат иконите - револтирано кажува Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, кој посебно е лут на државната Управа за заштита на културното наследство.

Тој наведува дека најдобар начин за чување на иконите е да се заменат со копии.

- Тука не мислам да се прават скапи копии за кои немаме ниту пари ниту доволно уметници, туку за поедноставни и поевтини копии, кои би ги демотивирале крадците. Но тоа не ни се дозволува бидејќи селаните ни велат наши се иконите, не ги даваме. Не знам зошто некому му е во интерес иконите да не бидат заштитени, туку оставени на крадците - вели владиката.

Директорот на Управата, Паско Kузман, пак, одговара дека владиката Тимотеј неоправдано сета одговорност ја врзува за оваа институција.

- Други институции, градски заводи и конзерваторски центри ја имаат својата директна надлежност. Но проблемот со кражбите треба да се решава со засилено внимание на полицијата и поактивно однесување на црковните одбори. Нашата Управа не може да ги гони криминалците. Сигурносните камери не можат да помогнат, а изработката на копии е премногу скапа. Ние немаме копии од сите оние икони кои ни се најголемо уметничко богатство, камоли од тие од поновиот период - наведува Kузман.

Пет илјади непознати икони

Експерти по заштита на вакви уметнички дела наведуваат дека с` додека не се направи посериозна стратегија како да се заштитат иконите, најефикасно е да се заменуваат со евтини копии.

- Модерната техника по цена од само педесетина евра може да направи копии на икони преку постапката каширање, а кои ќе бидат одлична замена на оригиналот. Но проблем е што не се обезбедуваат и толку помали средства кога веќе изработката на верни копии е прескапа. Нам, пак, ни се случува и тоа да повлечеме икони на ревстарација за подоцна да добиеме одговор дека нема пари за тоа - наведува Ристо Палигора, историчар на уметноста во Заводот и музеј Битола.

Овој експерт со долго искуство наведува дека приоритет во заштитата треба да биде изработка нова евиденција на иконите и на други вредни предмети по наши цркви.

- Така ќе дознаеме што с` имаме, а потоа ќе може да се планира и како тоа да се заштити. Ваква евиденција еднаш беше направена во 70-тите години од минатиот век и покажа дека во земјава имаме околу 30.000 икони. Но факт е дека тогаш, а и до сега не се евидентирани сите икони. Според мои процени, најмалку 4.000-5.000 икони се неевидентирани и не знаеме каде с` ги има. Инаку, мое мислење е дека треба да се евидентираат само оние постари икони, стари најмалку 60-70 години - потенцира Палигора, кој додава дека и полицијата мора поефикасно да дејствува, по примерот на акциите против нелегалната трговија со археолошки артефакти.

Надлежните укажуваат дека е индикативно и тоа што последниот серијал кражби се случува во западните делови од земјата.

- Тоа само покажува дека постојат разработени канали во овој регион во кој има многу испразнети села, а голем проблем е и тоа што не се откриваат крадците - вели Паско Kузман.

Kаде завршија иконите од Kанео?



Цели 36 години воопшто не се знае ништо каде завршија шест многу вредни икони што во 1976 година беа украдени од познатата охридска црква Свети Јован Богослов - Kанео. Претходно, тие веќе еднаш биле украдени, а по откривањето од Интерпол, повторно беа поставени во иконостасот, но, за жал, пак биле предмет на кражба. Исто така, веќе цели 27 години не се знае каде завршиле 13 украдени икони од манастирот Свети Наум.

Инаку, од кражба не беше поштедена дури и резиденцијата на архиепископот на МПЦ кога во 1973 година крадците упаднале во домот на тогашниот поглавар г. Доситеј, кога беа украдени иконата на Свети Троица, една уметничка слика, сребрена украсна тацна и 50 книги со верска содржина.


Руската православна црква сака да посредува меѓу МПЦ и СПЦ

Руската православна црква е подготвена да посредува во решавањето на спорот меѓу Македонската и Српската православна црква. Ова вчера во Софија го изјави митрополит Иларион Алфеев, висок претставник на РПЦ задолжен за надворешните релации на Московската патријаршија. Руската црковна делегација се наоѓа во посета на Бугарската православна црква.

Портпаролот на Синодот на МПЦ владиката Тимотеј рече дека нашата црква нема ништо против посредништвото.

РПЦ и досега повеќе пати изразуваше подготвеност да се вклучи во решавањето на спорот. Последен пат руските црковни претставници на македонскиот црковен врв му понудија варијанта МПЦ да биде признаена како самостојна црква што би требало да подразбира статус на легална автокефалност. (Б.Ѓ.)
Source: http://www.dnevnik.com.mk/default.as...B11AF91917D13B

Date: 29.04.2012
Niko777 is offline   Reply With Quote