Надворешна политика
Нема поддршка за Австралија ако не се извини?
Како што објави весникот The Australian, поддршката на кандидатурата на Австралија за непостојан член на Советот за безбедност на ОН ќе зависи од тоа како австралиските власти ќе реагираат на официјалниот протест за прогрчките изјави на јужноавстралискиот премиер Мајк Ран
Македонскиот глас за кандидатурата на Австралија за непостојан член на Советот за безбедност на ОН ќе зависи од тоа како тамошните власти ќе реагираат на официјалниот протест за прогрчките изјави на јужноавстралискиот премиер Мајк Ран, објави весникот The Australian.
Македонската амбасада во Канбера денеска достави службен протест поради говорот на Ран, во кој ја обвини Македонија за крадење на грчката историја и претседателот Иванов за „подгревање на проблемите“ со јужниот сосед.
Амбасадорот Перо Стојановски за The Australian изјавил дека Македонија ќе побара службено извинување и објаснување од страна на австралиските власти.
Одговарајќи на прашањето дали ова ќе влијае на гласањето за австралиската кандидатура за непостојан член на Советот за безбедност на ОН, Стојановски за весникот изјавил: „Одговорот на ова прашање во голема мера ќе зависи од службениот одговор на австралиската влада“.
Ран вчера рекол дека стои зад својата изјава и дека нема намера да се извинува.
Comment