Промените во историјата со кои потеклото на македонскиот народ се дефинира како мнозински античко предизвикаа многу контроверзии во јавноста
Потеклото на денешниот македонскиот народ не може да се бара во прашањето дали на овие простори биле помногубројни античките Македонци или Словените и кој кого „претопил“, предупредуваат историчарите по контроверзиите што ги предизвика новообјавената Историја на македонскиот народ. Тие реагираат на содржините во неодамна промовираното дело на Институтот за национална историја (ИНИ), кое, покрај другото, донесе две значајни промени во однос на Историјата на македонскиот народ објавена пред девет години. „Дневник“ вчера објави дека во прилогот на историчарот Митко Панов е содржана тезата оти денешните Македонци се мешавина на античките Македонци и на Словените, при што, античкиот етнос останал доминантен. Причина за ова биле неговите сознанија дека населувањето на Словените на овие простори „не претставувало масовна колонизација со капацитет целосно да ја промени етничката констелација во Македонија“.
Наспроти ова, пред девет години во капиталното дело што го објави ИНИ, во прилогот на историчарот Бранко Панов, кој инаку му е татко на Митко Панов, се истакнува дека „по доселувањето на Словените во Македонија во одредени области доминантен станал словенскиот етнос и дека Македонија се претворила во словенска земја“. Историчарката Анета Шукарова, пак, во новообјавената Историја на македонскиот народ предлага епохата на Александар Трети Македонски да се нарекува „александризам“ или „македонизам“ за разлика од досегашниот термин „хеленизам“.
Ставовите на Панов и на Шукарова се резултат на истражувањата што тие досега ги спроведувале и ги објавувале како свои научни ставови. Панов своите тези ги објавил и пред девет години во петтомната Историја на македонскиот народ, во која свои ставови за „претворањето на Македонија во словенска земја“ изнел и неговиот татко. Меѓутоа, во новообјавената Историја на македонскиот народ сега го нема делот од Бранко Панов, а дури шест поглавја - од „Македонија за време на Римското владеење“ до „Македонија помеѓу Византиската и Османлиската Империја“ - се дело на Митко Панов. Интересно е и тоа што ова дело нема единствен Редакциски одбор како што е вообичаена практика за ваквите изданија. Посочени се само имињата на авторите и уредникот на изданието со што најмногу личи на зборник на трудови, а не на единствено дело.
Никола Жежов, професор на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, објаснува дека расправи за тоа кој бил помногуброен не водат никаде. Никој не може со споредување на бројките, преку тоа кој бил помногуброен, а кој помалоброен на овие простори, да извлекува тези за тоа каков народ сме. Никој не може да докаже кој бил помногуброен во тој период. Нема чист народ и се лаже тој што мисли дека имаме корени само од антиката или само од Словените. Ние имаме корени и од антиката и од средновекоето, од различни историски периоди во текот на кои сме се оформиле како посебна нација - Македонци - истакнува Жежов.
Објавувањето на новата Историја на македонскиот народ се совпадна со интензивниот процес за подигнување споменици од антички период и именувањето на аеродромите, патиштата, стадионите со личностите од тој период, а зад кој стои Владата. Овој процес повеќепати беше цел на критиките на меѓународната заедница во контекст на преговорите во спорот со Грција за името на нашата земја. Историчарот академик Иван Катарџиев истакнува дека за секое тврдење треба да се имаат силни докази.
- Кажете ми дали во шестиот век може да се најдат прецизни информации за демографскиот состав на населението. Тоа може да се прави само врз основа на лични претпоставки зад кои може се кријат други намери - предупредува тој.Според него, фактот што на крајот бил наметнат словенски јазик доволно зборува за бројноста на Словените и на античките Македонци.
- Зошто, на пример, не се случи на Македонците во периодот на српското владеење да им се наметне српски јазик или зошто Македонците во Пиринска Македонија не го прифатија бугарскиот јазик. Тоа доволно објаснува за односот на бројноста меѓу населението - посочува Катарџиев.Тој нагласува дека археолошките наоди на нашите простори не треба да се користат како доказ за некакво античко или словенско потекло, туку како доказ за културата што постоела и постои на овие простори.
Претседателот на МАНУ Георги Старделов кон крајот на април за скопската телевизија „Алфа“ изјави дека „клучниот супстрат на нашиот идентитет е словенски“. Според мое мислење, столб на еден национален идентитет, всушност, е јазикот, а нашиот јазик е словенски - изјави тогаш Старделов.
Меѓутоа, меѓу македонските историчари има застапници и на тези што во прашање ги доведуваат теориите за преселба на Словените на овие простори. Александар Атанасовски, професор на Филозофски факултет, укажува дека најверодостојните документи од тој период не укажуваат оти такво нешто се случило. Тој истакнува дека има повеќе списи за Словените во Македонија, но ниту еден не кажува од кога и од каде дошле тука.
- Византискиот император Константин Порфирогенет, кој владеел во тој период, во своите пишувања никаде не спомнува дека неговите поданици Словени се доселени од некаде. Ако еден император немал информации, кој друг можел да ги има. Навистина, не ми е јасно зошто Словените би тргнале во големата преселба во која би ги напуштиле поплодните краишта за да се населат во попосните. Јас имам сознанија и дека глаголицата, всушност, е старомакедонско писмо, но се' уште немам доволно докази за тоа - укажува Атанасовски.
GO ON MAJKOOOOOO DONT FEAR ANYTHING YOUR SUNS ARE AWAKEN KNOW
:rmacedonia