Грчкото присвојување на Античка Македон&

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Dimko-piperkata
    Senior Member
    • Sep 2008
    • 1876

    Грчкото присвојување на Античка Македон&

    Грчкото присвојување на Античка Македонија е еднакво на објавување војна
    Автор: Димитрис Литоксоу

    Главната теза на грчката нација, во конфликтот од последните години околу употребата на името Македонија и неговите заменки, се засновува на грчката национална историја, поточно на поглавјето за Античка Македонија. Во таа теза се тврди дека античките Грци биле нација, а античките Македонци биле составен дел од таа нација. Проекција на ова чисто идеолошка теза претставува политичкиот аргумент дека современите Грци, како продолжувачи на грчката нација, се законските наследници на земјата каде што живееле античките Македонци, што значи и на нивните имиња, симболи итн.

    Бидејќи Грција, како членка веќе на пошироки политички структури, нема право на објавување војна, борбата за Македонија се ограничува на дипломатски натпревар околу симболиката (името). И затоа што во современата дипломатија претставниците на другите држави сериозно го сфаќаат, во конкретниот случај, само правото на самоидентификување на народите, а не приговорите засновани на спротивставените национални митови, грчкиот пораз се чини неизбежен.

    Грчкиот пораз, во оваа подоцнежна фаза на македонското прашање, најверојатно ќе го означи започнувањето на едно колективно преиспитување на идентитетот, во врска веќе со самата суштина на националниот мит и на политичко – државните интереси што низ времето доведоа до овој вид идеолошко составување.

    Секогаш се надеваме дека ќе го потпомогнеме овој процес, бидејќи сметаме дека предуслов за надминување на националната држава е разградувањето на нејзината идеологија и излегувањето на заглавените членови од таа заедница, во насока на пребарување и преиспитување на предлогот за втемелување на една постнационална и мултикултурна европска демократија.

    Водејќи се од ова логика, се обидуваме овде да се приклучиме во дијалогот околу елинизмот на античките Македонци.

    Без да се вмешаме во филолошкиот конфликт околу сведоштвата и толкувањата на античките извори со кои во минатото се занимаваа европските интелектуалци, бидејќи тоа лесно би можело да се злоупотреби или намерно да се искриви од двете страни, ќе се задржиме на еден важен факт што не е многу познат. Фактот дека грчката нација во првите децении на нејзиното формирање, до средината на 19 век, ги сметаше Македонците како варвари и непријатели на античката Грција.

    Накратко, тогашните Грци по националност верувале во тоа што денес го зборуваат нашите безимени соседи.

    Да ги видиме текстовите – извори што го поткрепуваат нашето тврдење.

    Започнуваме со вториот том на Историјата на Грција на Оливер Голдсмит, чие дело го преведе и уреди Димитриос Александридис. Во ова книга, која беше испечатена во 1806 година во Виена, тогашните грчки читатели можеле да прочитаат дека „Македонците се сметале за недостојни за заедницата на сојузот на Елините, и како припадници на туѓ народ и полуварвари се фалеле дека се Грци по род, но се разликувале од нив во обичаите и политичкото уредување“.

    Македонија била варварска

    Исто така можеле да научат дека „секогаш кралевите на Македонија биле истерани како припадници на туѓ народ“ од заедничките работи на Елините, и дека „Елините, тие што се опфаќале под тоа име, сметале дека би било опасно и уништувачко за нив доаѓањето на туѓинци во Елада, а така ги именувале и Македонците“. (Александридис 1806-та. ст. 1 и 16)

    Наредната година беше испечатен во печатницата на Николаос Гликис во Венеција „Преглед на историјата на Грција“, кој го напиша Г. Д. од грчкиот музеј на Либорно, а го финансираше Братството на православните Грци од истиот град. Во вториот том на таа книга можеше да се прочита дека Македонија „се нарекувала и била навистина варварска“ и дека граѓанската војна помеѓу Елините „како цел имаше да падне Елада во рацете на Филип“, кој на почетокот на војната „не се вмешал оставајќи ги Елините да ослабнат помеѓу нив“. Исто така можеле да научат дека во битката кај Херонеја пресудна била „слободата или ропството на Елада“ и за жал, „се потврди второто“. Елините поразени од Македонците таму го напишале следниот натпис во чест на нивните жртви „Овие оружјето го зедоа вредно, животот не го жалеа за татковината, смело смртта ја претпочитаа, за да не станат Елините бедни робови“. (Г. Д. 1807 ст. 76, 84, 108, 111).

    Да забележиме дека токму истото дело, под истиот наслов, се издаде повторно од печатницата на Николаос Гликис во Венеција во 1815 година, но во второто издание како автор не се појавува Г. Д., туку јеромонахот Григориос Палјуритис. Податоците за Македонците се повторуваат идентично како и во претходното издание. (Палјуритис 1815 ст. 75, 83, 107, 109).

    Во 1808 година се издаде во Константинопол „Хронолошкиот преглед на општата историја“, преведен од француски јазик и преработен од Ламброс Антонијадис, со дозвола и поттик од константинополскиот Патријарх. И овде Грците учеле дека античките Македонци биле непријатели на Елините. „По распаѓањето на лакедемонијците, Елините воопшто не се смириле, предизвикале себеси исто уништување преку граѓанските војни и преку постојаниот раздор помеѓу нив. Од тоа Филип, кралот на Македонците, имаше голема корист и се засили, повеќе заради неговата пресметливост, а не заради неговата храброст, и стана господар речиси на целата Елада. Само Атињаните, за разлика од другите Елини, охрабрени од Демостен, се спротивставија со сета сила на идното величество на Македонците, но попусто“. (Антонијадис 1808, 26 - 27)

    Маките на Елада под Филип

    Истата година во Венеција се издаде една игра со историска содржина што беше наменета за „образованите потомци на греките“ што покажуваа интерес за „проучувањето на историјата на предците“. Уредувањето на изданието го направи А. В.. Во картите играчите читаа дека Филиповата „Македонија се дигна против Елада“, дека Филип под изговор дека ќе и стави крај на таканаречената света војна „влезе во Елада и ја завладеа“, а по смртта на Филип „Елините и останатите поробени народи се вооружија против неговиот син“. (А. В. 1808 ст. 6, 171, 183)

    Даниил Филипидис го преведе и го прокоментира делото „Јустини Хисториарум Пхилиппицарум еџ Трого Помпеио“, кое беше испечатено во Лајпциг во 1817 година. Грчките љубители на историјата читаа во него дека раздорот и граѓанските војни во Елада дозволија „да излезе на виделина нечистото и мрачното име на Македонците“ и да успее Филип да „ги претвори Елада и Азија на робови, под македонското царство“.

    Како резултат на тоа беше „ужасна и немилосна глетка, Елада, која дури и тогаш со нејзината сила и вредност беше прва на земјата, поразител на царевите и на народите и сè уште владетел на доста градови, да се потпира на туѓи основи, посакувајќи или плашејќи се од војна. Вселенските одмаздувачи да се надеваат на силата на еден туѓинец“. Во книгата постојат поглавија под наслов „Маките на Елада под Македонецот Филип“ и „Филип ја распарчува Елада“. Филипидис коментирајќи ја личноста на Филип напишал „Од сето тоа можеш да заклучиш кој бил Филип и да го процениш. Секако во таа процена не знам дали можеш да пропуштиш некоја лоша придавка. Би можеле да го споредиме Филип со Севир, цар на Романите. Ако се разликуваа во нешто, тоа е заради околностите. И двајцата биле вешти хегемони, но злобни луѓе. Заслужуваат одбивност и омраза“. (Филипидис 1817 ст. 131, 144, 151, 152)

    Во една друга Општа историја, која беше испечатена во Иаси (Романија) во 1820 година, а нејзин автор беше Николаос Полиенос (Н. П), тогашните Грци можеа да научат дека во античкото време „Елините го достигнале највисокиот степен моќ и на слава, и на крај се распаднале и речиси исчезнале. На тој начин претходно безначајните и омаловажувани Македонци, преку разумот и стратегиските доблести на Филип и на неговиот син Александар, достигнале таков степен величественост и на моќ каков што никогаш не достигнал друг народ, за толку кус временски период“. (Полиенос ст. 5, 6)

    Во 1830 година се издаде во Виена вториот том на делото „Историја на човековите дела“, на Константинос Кумас. Овој интелектуалец, кој се смета од грчката нација за „учител на грчкиот род“, напиша во врска со односите на Елините и Македонците дека македонските кралеви „се обидувале да се вклучат во елинскиот дух“, но „тие обиди се однесувале на образованието на владетелите, а не на посиромашните поданици, кои Елините понижно ги нарекувале варвари“. (Кумас 1830 ст. 140)

    Никој не може да биде лош без загуба

    Исто така во 1830 година беше испечатен во Париз третиот том од Атакта на Адамантиос Кораис, на веројатно нај значајниот грчки интелектуалец во тоа време. Тогашниот грчки мудрец не остава простор за погрешно толкување кога зборува за Македонците: „Итриот на Македонија владетел (Филип) забележал дека Елините, морално ослабени, не биле веќе способни да ја сочуваат слободата и го направил тоа што обично го прават поробувачките владетели. Го потпомогнал распадот, додека да биде неизлечлив, зголемувајќи го раздорот помеѓу градовите, подмитувајќи ги богато демагозите и предавниците на Елада, за да ги раздразнуваат постојано демотиците против олигарсите и обратно, сè додека не дојде до катастрофалната за Елините победа во Херонеја. Истата година во Атина умрел реторот Исократ, еден од малкутемина вистински патриоти, не можејќи да го поднесе омаловажувањето на неговата татковина. Ако Атињаните ги слушаа неговите совети, немаше да паднат ниту пак да ја повлечат целата Елада во своето паѓање.
    Но ниту поробувачите не се неопипливи. Напротив, невидлива судбина ги очекува и нив, додека се мешаат во мирот и спокојството на другите, дури да паднат како труп толку беден, од место што по високо, за да се исполни светото пророштво: „Никој не може да биде лош без да има загуба и штета“. Две години по херонејската битка, на самата свадба на неговата ќерка, бил убиен Филип - уништувачот на елинската слобода. Немал среќа ниту во тоа, и ако бил најголемиот поробувач, и пред да умре ја изгубил слободата од луѓе што не ја почитувале општата човекова слобода. Нормално, по смртта на Филип елинските градови посакале да ја вратат автономијата што ја имале порано, игнорирајќи го неговиот син и наследник Александар“. (Кораис 1830 ст. 138, 139)

    Една година подоцна беше испечатен во Нафплион, тогашниот главен град на новосоздадената грчка држава, „Преглед на старата историја“. Се работи за една книга предвидена за воведните училишта, преведена од француски и дополнета од Н. Силивергос. Учениците можеа да прочитаат во неа дека „иако македонските кралеви тврделе дека се потомци на Хераклес, Елините не ги сметале за истонародници, туку ги сметале за варвари, исто како и Персијците“. (Силивергос 1831 ст. 67)

    Во 1836 година во Измир беше испечатена „Историјата на Античка Елада“ предвидена за учениците на тамошните грчки училишта. Во почетокот на поглавието за Античка Македонија читателот учеше дека „Македонското царство постоело претходно околу четиристотини години, но без да биде многу прочуено. Не било дел од елинскиот сојуз, ниту пак праќало претставник во Амфиктионското Собрание. Неговите жители се фалеле дека потекнувале од елинска колонија, но немале многу контакти со Елините, кои тие ги сметале за варвари“. (Еранистис 1836 ст. 98 – 99)

    Горенаведениот учебник беше издаден уште неколку пати. Во 1844 беше испечатено во Измир, но во друга печатница, четвртото издание каде што се повторуваат истите податоци за Македонија како и во првото издание. (Еранистис 1844 ст. 88)

    Македонците им биле непријатели на Елините

    Во 1839 година беше издадена во Атина „Општата историја на Камерер“, која беше наменета за училишна употреба, преведена и уредена од гимназискиот директор Георгиос Генадиос. Беше испечатена во печатницата на Андреас Коромилас, кој, како што изгледа, ги имаше преземено од тогаш и во наредниот период повеќето од училишните изданија. Помеѓу другото учениците во таа Историја учеле дека Филип бил „итар непријател“ на Елада и дека во Херонеја, не само што „се поразиле Елините“, туку тој пораз „станал гробница на слободата и на автономијата на Елините“. (Генадиос 1839 ст. 34 и 38)

    Во 1841 година, како нов Демостен, претседателот на Археолошкото друштво Јаковакис Ризос Нерулос, во еден говор што го одржа на една манифестација во главниот град на грчката држава, и тоа на самиот Акропол, тврдеше дека Филип не само што ја победил Елада кај Херонеја, туку „направил нешто многу пострашно, го донел на свет Александар“. (Димарас 1986 ст. 70 – 71)

    Во 1845 година, еден млад човек познат по неговите историски проучувања, подоцнежниот национален историчар на Грција Константинос Папаригопулос, ја преведе и ја уреди „Општата историја“ на францускиот историчар Леви, која ја издаде како учебник Андреас Коромилас. Од оваа книга по историја учениците учеа дека Македонците им биле непријатели на Елините. Во поглавието за античка Македонија учеа дека „откако Филип ги сопрел граѓанските војни во Македонија и ги неутрализирал надворешните непријатели, наумил да ја пороби Елада“, дека „ги поразил Илирите, Тракијците и Скитите, а веднаш потоа се свртил кон својата главна замисла, поробувањето на Елада“ и дека кај Херонеја на 3 август 338 година п.н.е „Елините биле поразени и ја изгубиле слободата“. (Папаригопулос 1845 ст. 130 - 131)

    Во 1848 година професорот Николаос Сариполос, во еден говор што го одржал на 21 октомври 1848, по повод започнувањето на часовите по античките елински политички системи, нагласил категорично дека „Филип ја искористил ова граѓанска војна, како храбар крал, целата Елада ја ставил под негова контрола, а на херонејското поле умре елинската слобода“. По херонејската битка „црно ропство ја покрило Елада, период на долго уништување, период јалов! По Македонците дошле Римјаните, по Римјаните варварите од Северот, а по нив крволочните касписки жители“. (Сариполос 1848 ст. 11 и 24)

    Забележани, обработени и премолчни факти

    Константинос Папаригопулос во 1849 година повторно се врати на прашањето за Македонците без да биде сигурен за нивното потекло.Во еден нов учебник по историја што го напиша и беше испечатен истата година забележа: „Не е познато дали Македонците биле од тракиското, елинското или илириското племе, бидејќи секое од овие мислења ги има своите поддржувачи. Четвртото мислење, и нај веројатното, е дека биле Илиријци измешани со Елини“. Во едно друго поглавие дополни дека „Македонскиот период може лесно да се разликува од Елинскиот, бидејќи македонскиот народ исполнил, во Општата историја, различна задача од таа на Елините“. (Папаригопулос 1849 ст. 96 и 193)

    Од погоренаведеното станува јасно дека заедницата на грчката нација, во првите децении на нејзиното формирање, во нејзината национална историја, ги сметаше Македонците како непријатели – поробувачи на античките Елини.

    Во средината на 19 век, политичкиот план на грчкиот национализам кој е познат под името Мегали идеа (Голема идеја), и кој беше спомнат за прв пат во 1844 година од врвниот политичар во тоа бреме Иоанис Колетис (премиер на Грција) и кој беше по потекло Влав, го наложи идеолошкото подготвување на населението на земјата, за идната експанзија на грчката држава во балканската внатрешност. Експанзионистичкиот план имаше потреба, помеѓу другото, од создавање на грчко историско наследство во просторот северно од грчките граници, од кој голем дел претставуваше областа на отоманска Македонија.

    Титулата на национален историчар Константинос Папаригопулос не ја доби случајно. Тој е основниот автор на „Историјата на грчката нација“. И други автори пред или паралелно со него го потпомогнаа процесот, но крајниот резултат го носи неговиот потпис. Националниот историчар не ги регистрира историските факти од минатото. Од фактите некои ги забележува, некои ги преобработува, а други ги премолчува, во согласност со потребите на политичкото функционирање и ефикасност на неговото дело. До крајниот резултат, дури грчката национална историја да го добие конечниот изглед, едно исто поглавје може да се презапише, да ја смени формата, дури и да се претвори во нешто сосема спротивно. Големата идеја му наложи на националниот историчар да ги погрчи античките Македонци и да ги прикаже непријателите како истонародници.

    Да ја проследиме неговата мисла како што е напишана во „Историјата на грчката нација“ од 1853 година: „Македонците и ако не се споменувале во нај старите години на античката Елинска историја, сепак биле Елини. Посебно нивните кралеви се сметале себеси како потомци на Хераклес, а и другите Елини ги сметале за истонародници, бидејќи ги примале на олимписките игри, каде што никој не можел да учествува ако не бил Елин. Значи Македонија била една од многуте мали Елински кралства, кои ги имало во нај старите антички години на Елада. Кралството, како државна структура, не се укина во таа земја, како што се случи во поголем дел на Елада, туку продолжи да постои. Поради тоа Македонците, бидејќи живееле во најсеверниот крај на Елада и имале околу нив многу варварски народи со кои биле во непрекинати војни, не успеале да се унапредат како другите Елини во писменоста и во уметноста. Дури и во времето на Филип имале многу сличности со прастарите Елини, како што ги опишува Хомер во тројанската војна“. (Папаригопулос 1853 ст. 57)

    Како прав мајстор, Папаригопулос го состави толку добро македонскиот мозаик, што не остави всушност простор на идните наследници за поправки и двоумење, освен препишување на текстот на некој посовремен јазик или дополнување по желба со некои дополнителни забелешки.


    Кој е Литоксоу?

    Димитрис Литоксоу е грчки историчар, истражувач и публицист. Тој е автор на книгите „Грчка антимакедонска борба“ и „Измешана нација“, поднасловена „За Грците и разнебитените другојазичници“, кои на македонски јазик ги објави издавачката куќа „Азбуки“.

    Литоксоу е и член на раководството на партијата на Македонците во Грција „Виножито“. По потекло е етнички Грк.

    Во своите книги допира горливи прашања од историјата, особено на македонско-грчките односи. Со широчината на своите истражувачки хоризонти тој ја побива официјалната политика на својата земја, која со децении негува крајно ригидни ставови во однос на етничката еднородност на грчката нација и на позицијата на етничките групи во Грција.


    Античка Македонија за само 109 евра!

    Туристичка агенција „Савана“ ја промовира својата новогодишна турнеја во Солун, Паралија и Олимп, со можност да се посетат и Кутлеш, Постол и Метеори, но со доплата. Иако турнејата носи наслов „Античка Македонија“, во неа воопшто не се опфатени делови од Република Македонија, како на пример Хераклеја, Стоби или Вардарски Рид во Гевгелија.

    Единствена локација на нашата територија што се споменува во рекламата е хотелот „Холидеј ин“, како место од каде што ќе тргнуваат автобусите. Првата средба со антиката е древната престолнина Кутлеш (Вергина) на Филип Втори, каде што ќе се посетат археолошки локалитети и музејот. Оттаму туристите можат да одат во градот Воден да ги видат неговите водопади, како и во Постол, престолнината од времето на Александар Македонски. Се продолжува со шопинг во Солун и посета на Виа Игнатија со плоштадот „Аристотелис“, белата кула во Солун и слично.

    Од агенцијата велат дека воопшто не се раководеле од политиката кога ги составувале понудите, туку само од туристичкиот аспект. Дури најавуваат и тура наречена „Византиска Македонија“, со која треба да се посетуваат делови од Турција, Грција и од Бугарија, а Македонија повторно ќе биде изоставена.

    - Точно е дека не ја вклучуваме Македонија како дел во турата за Античка Македонија, но таа е наменета пред сè за странци што сакаат да се запознаат со историјата. Нашите граѓани можат кога сакаат сами да ги посетат Хераклеја, Стоби, Скупи и другите антички градови кај нас. Заинтересираноста за оваа тура е минимална. Нашите граѓани сепак повеќе сакаат да одат на шопинг во Солун или на Пелопонез, отколку да се запознаат со историјата на нашите предци. Досега немаме ниту една уплата, но се надеваме дека шансата нема да се пропушти - објаснува Мирче Пешевски од туристичката агенција „Савана“.
    1) Macedonians belong to the "older" Mediterranean substratum...
    2) Macedonians are not related with geographically close Greeks, who do not belong to the "older" Mediterranenan substratum...
Working...
X