ПАНДЕ АШЛАКОВ, КМЕТ НА ОВЧАРАНИ, ЛЕРИНСКО, ПОРАЧУВА
Радио на македонски ќе ечи од Лерин до Солун
Радиото е при крај, ја добивме дозволата. Веќе е платено, а програмата ќе се емитува од Костур до Воден. Во првата година ќе се обидеме да направиме да се емитува до Солун. Ќе имаме вести на македонски јазик и програма во живо, вели Панде Ашлаков, претседател на селото Овчарани, Леринско
До 1983 година игравме оро на македонски песни, но не смеевме да ги пееме. Беше тешко да се игра оро без песна, сите ја знаат, а не ја пеат. Колку боли да сакаш да играш, а да ти го забрануваат јазикот. Да ја нарачаш „Македонско девојче“ и да ти ја свират, а да не ти ја запеат.
Со овие зборови Панде Ашлаков, Македонец од леринското село Овчарани, ни раскажа како го празнувале Илинден пред речиси 30 години.
Приказната почна да тече како река додека чекоревме по селскиот пат во Овчарани. Тезгите се веќе распослани, а во селскиот „антички театар“ во близина на училиштето, најстарите веќе ја резервирале ложата.
Се слави Илинден, по новиот календар. Ашлаков чекори горд како паун затоа што е првиот Македонец избран за претседател на село во Грција. „Зајди, зајди“ може да се слушне и да се запее на македонски јазик, а на тезга се распослани примероци од Абецедарот и од весникот на Македонците „Нова зора“. Наскоро ќе започне со програма и првото радио на македонски јазик.
Сето ова е иљач на раните на Македонците во Грција, оние кои тешко може целосно да зараснат.
Децата да учат македонски на училиште
Во Овчарани живеат 2.300 Македонци, од кои само 300 се Албанци, Турци и понекој домазет Грк, објасни Ашлаков, кој веќе осум месеци е прв човек во селото. Вели дека, колку што може, се бори за правата на Македонците. Најголемата битка му е да успее да издејствува децата во селото да учат македонски јазик, еден час во денот. Во неформален разговор, неговото барање за јазикот било одбиено. Но Ашлаков не се откажува: прашањето ќе го постави до Министерството за образование.
- Прашањето ќе го поставине како партија, заедно со општината. Бараме децата да учат еден час дневно македонски, како што учат грчки. Нема да го кажуваат македонски, туку мајчин јазик. Јас тоа како претседател на Овчарани го побарав во разговор, но ми кажаа дека нема да го добијам и да барам на писмено. Државата треба да разбере оти ние сме Грци државјани со македонска националност. Каде Грција виде во светот дека постои една држава со една нација - прашува претседателот на Овчарани.
Тој ни раскажа дека младите зборуваат македонски јазик, иако оние кои ги затекнавме на прославата си разговараа на грчки.
Јани Ашлаков, таткото на Панде, има трик со кој ги убедува внуките да зборуваат македонски.
- Ако ми побараат пари на грчки, не им давам. Мора да кажат на македонски за да добијат - вели Ашлаков. Селаните од ова село најмногу се жалат на кризата. Но како што велат, во селата подобро се живее отколку во градовите.
- Економската криза прво удри во градовите, една држава што од даноците не може да собере 40 отсто, таа е катастрофа, исто како во една куќа, еден носи, а четворица крадат. Велат, заедно ги изедовме парите. Не е точно! Вие долу ги изедовте, ние тука живееме со 30 евра, вие со дупло - реагираат селаните со кои разговаравме.
Никој не смее да не гибне за културата
Ефтимос Гоцис, Македонец од Његуш, се поздрави со пријателите што во вторникот дојдоа да го видат како ги игра ората од својот крај. Настапот на неговото друштво е веднаш по оној на најмладите игроорци од Културно-уметничкото друштво на Овчарани.
- Играме околу десет ора од Његушката околија, сите добро ги знаеме и сакаме да ги играме - вели Гоцис. Некои од младите го разгледуваат првиот буквар на македонски јазик отпечатен во Грција, Абецедар. Во Овчарани може да се купи за 15 евра, а го има и во неколку книжарници во Солун - ни кажа Пандо Маноџис.
- Народот веќе не е исплашен, секоја година е полесно. Порано само горе славевме, овде беше забрането. Сега се делат весници на македонски јазик, тогаш тоа не можеше да се замисли - објаснува Маноџис, кој дошол на прославата од Солун.
Претседателот на селото, Ашлаков, вели дека сонот на Македонците во Грција е Македонија да влезе во ЕУ и НАТО и да може целосно да се отворат границите.
- Сакам да верувам, ако Македонија влезе во ЕУ и во НАТО, ова ќе биде отворено, сите ќе бидеме Македонци со различна економија, ништо друго. Ништо не н` дели од Македонија. Можам да кажам дека тука плачат уште повеќе, ама скришно плачат. Да гледаш нема да веруваш, стари жени плачат. Зошто? Затоа што порано беше строго забрането да зборуваш на македонски. Сега за културата, за јазикот и за песната не може да не гибне никој - вели тој.
Вести на македонски јазик и програма во живо
Партијата „Виножито“ планира наскоро да започне со работа првото македонско радио, кое ќе емитува програма на македонски јазик во Грција.
- Радиото е при крај, ја добивме дозволата. Веќе е платено, а програмата ќе се емитува од Костур до Воден. Во првата година ќе се обидеме да направиме да се емитува до Солун. Ќе имаме вести на македонски јазик и програма во живо. Со тоа ќе се ослободат многу исплашени луѓе. Тоа е готово, можеби за месец, до крајот на годината сигурно - ни обелодени претседателот на селото. Тој вели дека во името на радиото сигурно ќе го има зборот „македонски“, а веројатно ќе се вика „Македонско радио“.
- Ние немаме што да криеме и не се плашиме - вели тој. Партијата на Македонците најави дека ќе отвори радиопрограма на македонски јазик уште во март минатата година, но партијата имаше проблеми при купување на радиото.
Ако успеале да печатат весник, утре ќе стигнат до радио, можеби и до телевизија.
Нашиот домаќин н` испрати со анегдота како успеал да најде утеха за тоа што до пред речиси 30 години не смеело да се пее на македонски.
- Пред една недела направив свадба за синот и имаше 1.000 гости. Им викам: ќе свирите с` што ќе ви побара народот, а ќе пеете само македонски песни. Јас 50 години играв само со музика, е сега тие, ако сакаат грчка песна, еден саат нека играат само со музика. Ако сака грчко ќе му засвириш, ама не смееш да му пееш! За да видат колку боли. Да сакаш да играш, а да ти го забрануваат јазикот - ни рече Ашлаков.
Не не интересира Александар Велики
Ние се залагаме за отворени граници и отворена Европа, не да се делиме, ни вели претседателот на Овчарани.
- Политичарите прават поделби, на пример, со историјата. Мене не ме интересира Александар Македонски. Јас знам дека баба ми викаше: избегаа Турците, дојдоа Грците, полоши ни дојдоа - објаснува тој.
Националистите ќе протестираат во Лерин
Членовите на грчката националистичка организација „Златна зора“ в недела ќе организираат протести во Лерин, како резултат на прославата на Илинден во Овчарани. Националистите не беа присутни на прославата на Илинден во вторникот, каде што повеќе полицајци се грижеа за безбедноста.
Не сум човек на Груевски!
Ашлаков објаснува дека националисти му праќале имејли во кои го обвинувале дека соработува со македонската влада.
- Пишуваа, како сте го избрале тој човек на Груевски. Јас не сум човек на Груевски! Јас сум државјанин на оваа држава, живеам во Овчарани и по националност сум Македонец - вели тој. Ашлаков додава дека не бил избран од редовите на ПАСОК, туку од „Виножито“.
Ивана КОСТОВСКА
LINK: http://www.dnevnik.com.mk/default.as...B6FD616322CEBC
Comment