Reply to a Letter

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • makgerman
    Member
    • Nov 2009
    • 145

    Reply to a Letter



    Ако имаат сознанија за насилство, како сојузници, нека ги достават разузнавачките податоци каде што треба и нека не го плашат народот со ургентна алармантност или алармантна ургентност (уште една небулоза со која нé бомбардираат). Дотогаш вестите за вахабисти, бункерите со оружје и Косово ќе ги сметам за дел од притисокот врз јавноста

    По бранувањата предизвикани од онаа охридска сеанса наречена „Како мали Ѓокица замишља преговори за името“, имав сериозна намера да му напишам писмо на премиерот Груевски. Мислам, ако едно време Героски му пишуваше отворени писма на секои два дена, зошто еднаш и јас не би ја искористила својата колумна за таква намена? Ова особено откако дополнителна бура се создаде и со неговата изјава во однос на хипотетичкиот референдум и уште похипотетичкото референдумско прашање... Сакав директно да му ја нацртам мојата црвена линија, ако веќе државата не го прави тоа. Сакав да го прашам отворено дали тоа некој не му дозволува да ја исцрта или тој само калкулира (можеби и во тајна дипломатија) така што ќе прифати компромис без губење на власта. Сакав да му кажам дека немам намера да излегувам на референдум на кој ќе ме понижат прашувајќи ме дали знам која сум, а нема да ме прашаат ништо за другите 12-13 точки од „пакетот“ на Нимиц. Но додека јас се премислував дали и како да му се обратам на премиерот на мојата држава, дојде едно многу поинтересно писмо. Дојде од, во најмала рака, чудна или поточно - непостојна адреса, која овде од милост си ја нарекуваме со еуфемизмот „меѓународна заедница“. Се стресе цела јавност од четворица амбасадори (обични службеници, во превод), потпишани како шефови на дипломатските мисии на ЕУ, ОБСЕ, НАТО и САД во Република Македонија. Веднаш насловни страници со саати и одбројувања, со игри со оган и слично. Последната капка во чашата (ми) беше паничниот наслов на ТВ-веста (директно од „центарот“) дека „на Брисел му врие од изјавата на Груевски“. Е па, сега и мене ми врие и тоа од пумпање на балонот, како во детската песничка „балонот се надува, пазете го да не пукне“!

    Истовремено со испраќањето/добивањето на писмото (кое не требаше долго да патува од амбасадорските канцеларии во Скопје до крајната дестинација - македонската јавност) тргнаа лавина новинарски прашања за тоа „што сакале да кажат авторите“. Политичките партии си ги вкрстија рацете покажувајќи на другиот како на вистински адресат, барајќи го виновникот како деца фатени во незгода, ама и страв дека ги разлутиле „учителите“. Јас пак го соборив сопствениот рекорд на дадени изјави за еден ден и стигнав до бројката од осум медиуми. Куриозитетот не е во рекордниот број изјави, колку во фактот што за сите медиуми ова беше не настан на денот, туку настан на целото шпанското шестмесечно претседателство со ЕУ! Ваков интерес за едно писмо на амбасадори може да постои само во земја со длабок синдром на зависност (оној за кој веќе пишував). Дрскоста да се упатува опомена без ракавици и на работ на закана, на земја што формално е кандидат за членство во ЕУ и која очекува финализирање на процесот, а која е и пред НАТО (за Авганистан и да не ви зборувам) е постапка на стејтбилдери, кои ја загубиле мерката во однесувањето (ако и ја имале) со своите штитеници. Или, мислат дека „сега му е мајката“, а ние сме најслабата алка на која треба да притиснат и предупредат на можно насилство само за да се „реши“ спорот. Политичката и експертска јавност глумат лудило или фрапантна неписменост: се фатиле за општопознатите тези за „застојот на реформите“, Охридскиот ни, па дури и за Скопје 2014. Ја бутнале главата во песок само за да не видат дека писмото се однесува на сосема трета (или поточно, првата) работа. Замаеноста остана и наредниот ден откако Рикер и во лице ни плесна дека има да нé нема ако „не го откочиме процесот на евроинтеграции“. Тоа дека станува збор за порака дека треба да попуштиме во однос на името или ќе настанела дестабилизација, а голем прашалник ќе се надвиснел над судбината на Македонија како Дамоклов меч, е далеку од енигматско за откривање. Најстрашното во ваквото „дипломатско“ пакување е нивната увереност дека сме инфантилни и не сфаќаме од каде дува ветерот. Треба ли да им порачаме да не се трудат, бидејќи „дури и плавушите сфатија!“? Рикер со типична американска супериорност бара од премиер на суверена држава да излезе и јавно да ги соопшти македонската позиција и стратегија во спорот со името. А дали тој како обичен граѓанин такво барање му упатил на својот претседател во однос на стратегија за излез од живиот песок во Авганистан и Ирак. Да почнам и јас како Фрчкоски: драги мои, сé е во ред со вашето ментално здравје и интелект, точно ја толкувате пораката од писмото, баталете ги политичарите и амбасадорите.

    Ја загубив желбата да му пишам на премиерот или на друга државна институција, затоа што е јасно дека некој друг пали и гаси. Затоа им пишувам пријателски на нашиве пријатели (покрај кои не ни требаат непријатели). Најважната порака е дека знам да читам и дека пораката е примена. Но името на мојата држава и нација не се на продажба, а богами ако го менуваат, ќе мораат тоа да го прават не само против моја волја туку и наспроти мојот гласен и активен протест. Треба и да знаат дека колку повеќе нé притискаат, толку повеќе растат достоинството и гневот; овде не станува збор за опстанокот, туку за квалитетот на тоа битствување. Нека ми ја мавнат од пред нос тезата трпењето, бидејќи Тукидид го кажал и ова: тајната на среќата е слободата, а тајната на слободата е храброста. Колку повеќе с(т)имулираат, колку повеќе дотураат сол на раната, колку повеќе чепкаат во она што ме боли, толку повеќе во мене се буди гласот на предците. Ова е земја на питомина, ама и на пиреј, на истрајност. Ова не е патетика на националист (етикета што не ми гине) - ова е единствената логична реакција, која со своите (не)дипломатски пораки ја побудуваат и кај најобразованите луѓе на оваа земја. Ако имаат сознанија за насилство, како сојузници, нека ги достават разузнавачките податоци каде што треба и нека не го плашат народот со ургентна алармантност или алармантна ургентност (уште една небулоза со која нé бомбардираат). Дотогаш вестите за вахабисти, бункерите со оружје и Косово, ќе ги сметам за дел од притисокот врз јавноста. Ако нé оценуваат, нека воспостават критериуми и нека не ми се неќкаат. Нека не ми го вадат од ракав (од нивната црна листа) Тачи, тогаш кога ќе им притреба. И 2004-та „пријателски“ ми кажуваа дека во Кондово има вооружени групи, кои ќе пукнеле ако помине референдумот. Оттогаш, секое споменување часовници што одбројуваат, ми ја буди длабоко потиснатата лутина, ми се превртува утробата и почнува да ми врие, многу пострасно и поавтентично од што било што Брисел подразбира под „вриење“ поради изјава на премиер на суверена држава.


    Автор: Билјана Ванковска
Working...
X