„Така зборува Исидор Солунски“ Јордан П.

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • DedoAleko
    Member
    • Jun 2009
    • 969

    „Така зборува Исидор Солунски“ Јордан П.

    Непријателите на Македонското Национално Револуционерно дело, испратиле човек да ме убие. Го поткупиле со десет лири и го испратиле да ме убие. Јас честопати наминувам по Џумaјскине, по Петричкине, по Кукушкине, по Велешкине, по Битолскине пазари и гледам како се движат цените. Еден вол чини 100 лири, а ваму овега го поткупиле со 10 лири за да ме убие! Ги гледам цените и неможам да се изначудам – “Како е возможно, еден Македонец да биде 10 пати поефтин од еден вол?”

    Тешко ми е Татковино… Историјата продолжува, самоуништувањето трае, синдромот се повторува, а обединувањето твое бега далеку од нас.
    Долу по полено по врбацине, во срцево, уште е така. И ден и ноќ и нож в плеќи забиен. Не ме уплашија векови со нож во туѓа рака, ме плаши час со нож од рака својa в плеќи.

    Тешко ми е Татковино… кога не сум во тебе, кога те напуштам како да го напуштам Бога. Како да ми бега од над глава десната рака на Ангелот, како уште да траат сите твои востанија… како никогаш да не може да секне крвта на Апостолите, на измачените, крвта на царевите, на Великите, крвта на просветителите, на најумните, крвта на војводите на најмилите, крвта на комитите на најхрабрите, крвта на паднатите на неправедно жигосаните, крвта на неродените, на утре ликвидираните…

    Тешко ми е Татковино… тешко многу ми е…
    Ми се скамени летот во ‘рбетот, оти ти ми беше и крило и небо. Секоја ноќ те сонувам, на Белата Кула во Солун, загледана во Белото море, како ги чекаш своите големи синови Филип и Александар, да те избават од овој голем срам, во кој те втурнаа предавниците. Секоја ноќ те сонувам и си велам: Ееејгиди Македонијо, некогашна мори славна Империјо, распослана на половина Планета, ОД ПЕЛА ПА СЕ ДО ПЕРСИЈА, ДО ИНДИЈА… Денеска падната на колена, да ги молиш оние КОИ ГИ ОПИСМЕНИ, им ја отвори устата и ги научи да речат најпрвин Alfa и Omega… па Аз, Буки, Веди, па А и Б… Нив да ги молиш што ги научи дека рибата се јаде, дека дрвото се калеми и дека човекот се раѓа за да се љуби…
    …Нив да ги молиш сега, името распнато да ти го остават на 180 километри квадратни…
    Тешко ми е Татковино, тешко многу ми е…
    Секоја ноќ те сонувам, на Белата Кула во Солун, загледана во Белото море, како ги кинеш сите бели знамиња тие симболи на предавството… и од коските на твоите големи цареви градиш голема гемија за големите походи на твоите идни поколенија.
    Тешко ми е Татковино, тешко многу ми е…
    Секоја ноќ те сонувам, а кога се будам… зад мене почнува смртта, пред мене ништо друго. Исус Христос ме сонува на своето распетие, пелин, бозје, змиско грозје…Зад мене една распарчена Македонија, пред мене подвижен гроб. Се постила векот пред мојот од, како батанија од тешка скрама, со сета крв на едно Илинденско востание. Не дебнат Балканските делегати во Париз, Копенхаген, Стразбург и Женева, со куршуми веќе забодени во моето срце…
    Во Софија мрачен танц на мачки душождери ме чека, во Атина и старата и новата Демократија заедно смртобудно ме галат. Белград повампирени воздишки за Вардарска Бановина ми праќа… А јас веќе знам, нема од што да се плашам. Нека лае Европа во песји хорови, никој ништо нема да ми земе, оти ништо ќе немам. Сам ќе бидам со ветрот на ова тромеѓие, на ова Македонско распетие. Јас, што сакам да изменам се’, народ, граници и чемер… Јас, што сакам син на цела татковина да бидам и не само Вардар, туку и Вардар и Егеј и Пирин, ОБЕДИНЕТИ ДА ГИ ВИДАМ!
    …Сега ти оди разболен духу мој, бунтувај се, оди на Париската мировна конференција, оди во Европскиот Парламент, оди во Обединетите Нации и речи им вака – “Дами и господа… Утре ќе биде нов век. Ќе ви се ругаат за двете илјади години лажни проповеди и лажни законици, за лажната слобода што ни ја фрлате како мртва коска, од која ние Македонците треба да ја цицаме иднината. Ви зборувам во името на неродените. Утре ќе биде нов век, и вашата самоповикана власт ќе се претвори во буниште од распаднато време. Утре ќе биде нов век.! Ќе се соберат сите сведоци од непризнатите народи. Незнам…кој против кого ќе постои, но едно со сигурност знам, дека и понатаму ќе ги черечите патриотите од мојот побунет сој. И додека ве гледам, како мирно и лесно, без капка грижа на совеста, го одрекувате постоењето на мојот народ, во мене се буди приказната, што покрај една река во Македонија ми ја раскажуваше мојот дедо: „Чедо мое, треба да си каснеш од сенката што трча покрај тебе во реката, ако сакаш да видиш кој си, од каде си и колку пари чиниш. Да се фрлиш во реката, да си каснеш од сенката и да ја победиш тиранијата…“ велеше мојот дедо, Бог да го прости.
    Сега сум на Париската мировна конференција, во Европскиот Парламент, во Обединетите Нации, сеедно. Па сепак… Дами и господа, каде се наоѓам јас? Каде сум и кој ме доведе во ова грозничаво место, во кое една слепа испоганета и збеснeта сурија расправа за иднината, за Европското единство, за човековите права и слободи и за Македонското прашање. За кое единство Европско? За кои човечки права и за кое Македонско прашање ќе ми зборувате вие мене и на мојот народ? И со какво право очекувате да ви веруваме? Кога во вашите крволочни и алчни глави нема ништо друго освен испружените канџи кон Македонија и омразата со која живеете, прогонувате, погубувате и распарчувате!
    За вас Македонија е вечно оптегнато јаже врз кое вие со векови ги обесувате да се сушат телата на македонските еретици, патриоти што се смели и повикани да не мислат како вас. Вие ли ќе делите рецепти за иднината, кога за вас тие што не владеат, не постојат. Да приграбувате туѓи територии, да распарчувате древни држави, да прекрстувате луѓе, села, градови и цели народи, да не ги пуштате да си ги видат своите домови и гробови…Ете тоа е вашиот морал, тоа е вашата етика, со која лаете, лажете и живеете!
    И што ќе правите да ве прашам, еден ден, ако го запалиме Балканот? Ако ја изгориме Европа ? Или наместо тоа, ако го вразуми Господ нашиот народ, ако си ги подадеме рацете и така фатени за рака сите ние, ние македонските сонувачи, македонските поети, македонските адвокати, македонските артисти, македонските професори, македонските иселеници, македонските свештеници, македонските работници, македонските попови, македонските доктори и целокупниот македонски народ, кој со векови се брани од вашата лажна демократија, со која проповедате лажно Европско единство.
    …Од сега, ќе бидеме сами… разболен духу мој. Ќе бидеме глуво време, пресен вол и ветво месо. И кој од нас попрв ќе го снема, нека лае по вечноста што е нема, нема…нема. Но имаме земја, Татковина што не чека, нека чека… нека. Имаме театар, плоштади и Европи, неправедни граници со бодликави жици, бетонски столбови и полициски кучиња, преку кои побуната наша допрва ќе треба да се скита. Ако ита крвозборот, ќе итаме и ние. Јас ќе лаам, ти ќе пееш за обединувањето на Македонија. Не…не…не, неможам, не ќе можам да те следам понатаму, овдека ќе треба да се разделиме, но не за навек, Господ да чува, за малку само. Душа дур да зберам и децата дури да си ги најдам. Јас неможам без нив театар да правам, претстава за обединувањето на Татковината наша.
    Лекот е во нас, самите.
    Ајде Исидор! Ајде војводо! Собери ја силата! Стани собери ја! Исправи се и истури се’ што се збрало во твојата изгорена македонска душа.

    НЕКА ЛАЕ МАЛКУ ИСТОРИЈАТА, нека рика како недозаклана крава!!!
    Тогаш… и Господ ќе пророни врела солза, во котелот на нашата болка. …Ах, се е тоа сон…илузија, сон, во државава наша. Уште на почетокот беше гробот. Сега ти оди, разболен духу мој, бунтувај се и врати се пак, јас овдека ќе те чекам. Ќе ја сонуваме Македонија во Букурешт, нацртана на една голема искршена стомна.
    Ќе ги бараме нашите деца, ќе ги преораме гробиштата на идеалите, копнежот на нашите мртви Гемиџии… ќе ги составуваме парчињата на нашата земја…Потоа ќе правиме вистинска претстава. Ќе ги играме Солунските атентати.

    Изнемоштен сум веќе. Ги оставив годините по црквите, по војните, по островите, по театрите, по сцените, по улиците, по плоштадите… по нужниците на Европа… секаде сам, без нив, без моите најблиски, без моите најмили. Се сеќаваш како не апсеа, како не тепаа? Бубрезите и џигерите како ни ги одлепија. Секаде сам, без нив. Како им беше името? Кои беа тие? Кој сум јас? СИ ГО ЗАБОРАВИВ ИМЕТО??? ИМЕТО СИ ГО ЗАБОРАВИВ… Кој сум јас?

    ЈАС… Филип II, Крал на Македонија !

    Денеска на 24- ти Цутник, 7551 година, во гробот во Кутлеш се прeвртувам. И заради срамот со името нагрдено на државата, ги проколнувам предавниците од родот мој, со клетва голема и еднаква на срамот…
    ИЗРОДИ ЕДНИ !!!
    Проклетство нека ве прати за целиот живот. Сите небесни молњи врз главите ваши празни нека се струполат ! До што постои зло на веков и на светов, во вас да се вклешти. Красти и улери струпести, душите продадени да ви ги вадат… крокодили острозаби утробата да ви ја раскинат… орли крстатни на карпа вжештена труповите да ви ги черечат. Боговите севишни да паднат на колена од гробот ги молам.Сета к’лнатија небесна и земна… и на овој и на тој век таму врз вас да ја истурат изроди едни ! Што ја втурнавте Македонија во пропаст да понира, со пристанот ваш, името свето да и’ го поганат…што се главивте туѓи вазали да бидете… и ја оставивте државата на милост и немилост – БЕЗ КРУНА, БЕЗ ПРЕСТОЛ И БЕЗ КРАЛ!
    …Не…не..не..Ти си Исидор Солунски. Жената ти се викаше Малина. Децата … Коле, Таше и Евдокија. Сите вие сте од Баница, Леринска. Се сетив…се сетив…се сетив. Таа е умрена, умре млада… и’ се запали косата, и’ пукна срцето од жал, додека и’ ги корнеа од утроба грчките војници децата…трите деца, Коле, Таше и Евдокија. Кога слушна оти ќе ни ги водат децата далеку, падна во дворот и не се разбуди, не стана повеќе. Се викаше Малина. Беше прекрасна жена… се викаше Малина, родена Илинова.

    Се сетив… Коле имаше сини очиња, високо чело, косата како коштрена. Почнуваше да зборува. Таше само гугаше. Евдокија имаше само една година. Лицето и’ го изумив, не и го паметам лицето. Моите деца се во три земји, Романија, Полска и Русија. Тргнат сум да ги барам. Мајка им во сонот ми влезе и ми рече, како знам да ги најдам.

    …Јас сум Малина, како може жива да лежам в земја, ни ти тука, ни Коле ни Таше, ни Евдокија. Кога ме закопаа барав пат под земјата. Заминав кон Драмско за да побарам една другачка да не одам сама по далечини. Не ја најдов другачка ми таму и сетне фатив да скитам под земја, да прашам…која беше оваа земја пустината, кај се наоѓам јас? Македонија… наша е - ми велат едни гласови. Под земја е целата заедно, не е преградена со жици! Затоа ти изгледа толку голема и туѓа. Ех… што убава била татковината наша, си реков, оти, горе сета е исцепкана, дробенки е направена. Не се знае ни кој јаде, ни кој пие… Ами…имам ли јас деца или немам? Не ми беа децата за раздавање…
    Ами мори, не само твоите…велат едни жени. Нашите кој ќе ни ги врати? Кај ми е Исидор? – им велам. Со него ќе ги бараме. Која беше, незнам, ми рече оти, децата големи ќе ни ги врателе, за да знаат в лице да ни плукнат. Си велев… него… Исидора да го видам, да му кажам, оти и крстот и името ми го откорнаа Грците. И сега немам ни крст, ни име, ни деца можам да видам, ни тебе можам да те видам… Дојди и истури еден грст вода на местото кај што ми гнијат коските…и речи му на Колета ако го најдеш, да не ми оди ноќе по месечина, срце мајкино…и одведи го да го кадрисаат… и кажи му на Ташета, да не пие вода на гладно срце оти од ветра ми е болен, и нека се варди Евдокија, Богородица да ја доварди. Нека го најде моето гушаре и нека го носи. Исидоре ! Што замолче? Кај се децата? Заврти се и кажувај ми за децата. Зошто ги даде? …
    …Ќе влезам во твојот гроб, барем од земјата неможат да не искорнат. Ќе се претвориме во родна почва. Ќе си раѓаме босилек и здравец, боливач, џунџулиња, дудумани… деца веќе неможеме. Уште деца да можеа да излегуваат од гробовите…
    …Јас сум Коле. Умрев во Тулгеш, Романија. Немаше кој да ми направи сандаче. Пред да умрам ги барав крововите на нашата куќа, во Загоричани. И неможев да најдам ни кровови, ни куќа. Другиот ден барав мајка, татко… и стапчето за на волови си го барав… после ме мачкаа некои жени во црно со ракија. Ми велеа, не разбирав… и ми се запали главата и очите ми гореа, им велев… гаснете ме мори тетки, угаснете ме, Господ здравје да ви даде. Угаснете ме…
    …Јас сум Таше. Дојдовме во Струга во една жолта куќа. Се викаше Дом за сирачиња од Егејска Македонија – Гоце Делчев. Крај домот течеше реката Дрим. Ги прашував децата оти се вика Дрим? Никој не знаеше да ми каже. Потоа, сакав на гладно срце да ја испијам реката Дрим, во Струга… целата река сакав да ја испијам, разбираш? Ме слушаш? Ме разбираш? Целата река сакав да ја испијам на гладно срце. Ти можеби не ја знаеш таа река и не ја знаеш Струга.
    …Ти, ја заборави Евдокија. Знаеш како ми велеше? Кога ќе пораснеш ќе учиш за артистка, како Марија Чернодринска ќе бидеш. Која беше таа? Зошто ме заборави тате? Сега имам друг татко и друга мајка. Живееме во еден град што се вика Вроцлав, во Полска. Јас ништо не им кажувам, оти се за вас чувам… и ве чекам тебе, мама и братчињата.
    …Кој те одведе толку далеку, убавице моја? Како Марија Чернодринска сигурно ќе бидеш. Еве доаѓам…еве сега јас доаѓам…откорнати, расселени, разнародени ангели мои. Како ќе се препознаете?: Кого ќе прашате? И кој ќе ви каже кои сте и од каде сте? Сега…што да правам…разболен духу мој? Ни срце имам, ни џигери имам, ни бубрези имам, ни деца имам, ни татковина имам, ни име имам, ни тебе те имам…ништо немам. Сега, што да правам, разболен духу мој?
    …Оди, оди од куќа на куќа. Од човек на човек. Од град во град. Од држава во држава. Од континент во континент. Од планета на планета. Од ѕвезда на ѕвезда. Оди… и речи им вака – Ѕидовите на срамот веќе се урнати во некои делови на Европа. Еден ден, тие ѕидови на срамот ќе бидат урнати и во нашата распарчена и преградена земја. Ќе биде тоа ден, кога ќе бидете проколнати од името на непризнатите народи, што сте ги делеле на Берлинските конгреси, во капалиштето на Отоманската смрдеа Сан Стефано… со договорите во разни Букурешти и Версаи. Ќе биде тоа ден, кога Македонскиот бунтовен дух, ќе ги урне сите ѕидови на срамот ! Помеѓу ВАРДАР, ПИРИН И ЕГЕЈ !!!
    Зошто… со илјадници години пламти во нас славата на Филип и Александар ! Со илјадници години немаме намера да се предаваме, ОТИ МАКЕДОНИЈА Е ПОСТАРА И ОД ГОРОЦВЕТОТ И ОД НОЖОТ !!!
    Со илјадници години немаме намера да се предаваме! Оти во една наша црква откопан е зборот востание!
    Ќе ги искинеме сите бели знамиња, тие симболи на предавството!
    Ќе ја воскреснеме таа ДРЕВНА и СВЕТА земја, како најголем и најсветол цивилизациски Прометеј!
    Со илјадници години немаме намера да се предаваме!
    Ќе ги преораме гробиштата на идеалите и со коските на нашите мртви војводи ќе се претвориме во зурли и тапани, во нашето најсилно оружје.
    Со голи меса ќе ги искинеме жиците од границите !
    Ќе ја обединиме и ќе извикаме ЖИВА Е МАКЕДОНИЈА !

    „Така зборува Исидор Солунски“ Јордан Плевнеш
Working...
X