Kако од Македонец по род да направите Грк п

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Niko777
    Senior Member
    • Oct 2010
    • 1895

    Kако од Македонец по род да направите Грк п

    РЕЦЕПТ НА ПАСОK И НА НОВА ДЕМОКРАТИJА

    Kако од Македонец по род да направите Грк по фотелја



    Сивото и студено утро, какво што е додека патуваме кон македонско-грчкиот граничен премин Меџитлија, не ветува многу енергичен ден иако се надеваме дека од другата страна на границата ќе н` пречекаат сончевите зраци.

    Барем така сме навикнати кога и зиме претрчуваме на шопинг во Солун. И се покажува дека навистина е така, дека климата во оваа Македонија, и онаа грчката, како да се различни. Влегуваме во предградието на Лерин. Селата покрај патот ни малку не личат на македонските, барем кога станува збор за инфраструктурата. Асфалтираните споредни улички, и како „под конец“ средените дворови на куќите, зборуваат за еден побогат живот отколку во селата на територијата на Република Македонија.

    Но Радио Скопје, кое н` забавуваше додека патувавме кон границата, јасно се слуша и во Лерин. Можеби и радијата по леринските домови понекогаш го фаќаат звукот, а освен вести, сигурно се слуша и музика, колку да се потпевне. Дома да, но на улиците никако. Од страв? Притисоци? Закани? Или, пак, личен избор? Во с` може да има вистина. Но, причината поради која дојдовме на леринско гиро е да видиме, чуеме има ли вистина во разговорите дека Македонците од овој крај забораваат на своето потекло кога ќе станат функционери на грчката држава и зошто?

    „Никој од нив не се грижи за нас“

    Центарот на Лерин изгледа како комбинација од солунските плоштади и битолскиот Широк сокак, но празен. Луѓе по улиците речиси и да нема. И додека застанати се мислиме каде да се паркираме, на прозорот од автомобилот ни тропнува еден човек на околу 40-ина години. Се насмевнува срамежливо, гледа дека сме збунети од неговиот пристап и тивко прашува: „Kаде одите?“, „Од каде сте?“, „Арни ли сте?“. Н` упатува на паркингот пред една огромна зграда, зградата на леринската администрација, и вели: „Ќе застанам понастрана, дојдете да се запознаеме“. По ѓаволите, си велиме, страв ли му е па е внимателен? Гледаме, подзаскриен меѓу автомобилите нестрпливо н` чека. Му приоѓаме, му објаснуваме кои сме и зошто сме дојдени, а тој разочарано констатира:

    - Нема да најдете меѓу овие тука никој да каже дека е Македонец. Не смеат. Јас сум учител во Мала Преспа. Многу е тешко, сега и кризава ги отепа луѓето и бидејќи лесно се „лета“ од работа, секој гледа да се снајде и да преживее, да си ја зачува службата. Тие што се во општините не прават ништо, с` е за пари и од корист - се труди да ни објасни.

    Од зградата излегува маж на околу 35 години. Нашиот соговорник го здогледува и одеднаш се поздрави и си замина. Ни приоѓа човекот што излезе од административната зграда.

    - Јас сум Христос, или Ристе по македонски, овој ми е сосед, малку сме раскарани, па затоа побегна - раскажува. Му објаснуваме дека повод за доаѓањето ни беа поплаките од самите жители на Леринско, дека кметовите и градоначалниците Македонци забораваат на нив кога ќе седнат во општинските фотелји. Kако кандидати на грчките партии, независно дали станува збор за ПАСОK или Нова демократија, зборуваат македонски и ветуваат с` и сешто само пред избори, а потоа целосно ги игнорираат сограѓаните. Од друга страна, кога повеќе нема да им бидат потребни на грчките партии, тие наоѓаат начин да се ослободат од нив. Списокот не мал. Тука се Трајан Петканов, Павлос Алтинис, актуелниот градоначалник на Лерин Јоанис Воскопулос, како и кметот на Овчарани, Панде Ашлаков.

    - За сите ќе ти речам исто. Само парите и убавиот стол им се важни. Никој од нив не се грижи за нас. Петканов пред избори викаше: „Ајде, Македонци, да се собереме, да ми помогнете, па и јас ќе ви вратам со иста мера“, потоа му беше гајле, го немаше никаде - раскажува смеејќи се иронично. - Исто и Алтинис. Тој ги сакаше и „скопјаните“ кога шеташе во Македонија, во Маврово, во Битола, ама тука се кажува како Грк - додава.

    Уште поразочаран е од актуелниот градоначалник Воскопулос.

    - Тој се смета за поголем Грк од Грците - вели Ристе. За собирањето потписи во Овчаране за да учат македонски, одмавнува со раката и разочарано додава:

    - Досега потписите требаше да се соберат, но некому не му одговара да се бори. Ашлаков треба само да побара во општината, дури ни потписи не треба да собираат. Ама тој не бара. Арно му е на функцијата, да не се заморува - вели и заминува, гледајќи околу себе дали некој го видел оти зборува со нас.

    Ние го испраќаме со поглед, а наша следна дестинација е зградата на општина Лерин. Се надеваме дека ќе зборуваме со градоначалникот Воскопулос.

    Недостапни и незаинтересирани функционери

    Мошне тивко е во скромната ниска зграда. На влезот, а и на вратите од канцелариите, имињата се испишани само на грчки. За некој што доаѓа од мултиетничка, рамковна, но нели, не и европска Република Македонија, тоа е многу чудно. Не ни е јасно - која од двете држави е членка на ЕУ, а која чека пред бриселските порти? Kанцелариите отворени, внатре има луѓе, но никој со никого не разговара, ниту, пак, нас н` забележуваат. Со колегата разменуваме по некој збор на македонски оти знаеме дека внатре сите го знаат и го разбираат нашиот јазик, гледаме дека реагираат, но никој не смее да зборува. Се претставувам на англиски.

    - Би сакала да се видам со градоначалникот, јас сум новинар од Скопје, Македонија - велам. Една постара госпоѓа, без да ја крене главата, ми возвраќа на грчки. Нејзината помлада колешка го прави истото, но ме гледа в очи и нешто ми објаснува. Ги замолувам на англиски да ми одговорат, но креваат раменици и продолжуваат да работат. По скалите слегува една млада девојка и на англиски ми кажува дека Јоанис Воскопулос е на службен пат во Атина. Ќе се врател другата недела, ми дава контакт од општината и ладнокрвно се враќа во својата канцеларија. Заминуваме потиштени, како да сме биле фатени среде кражба. Никој ниту да н` погледне, не пак да н` поздрави. Но, не се предаваме.

    Од некогашниот лерински префект, според поранешната грчка локална самоуправа претседател на регион од неколку села и градови, Трајан Петканов, имаме контакт - број од мобилниот телефон. По неколку ѕвонења, конечно глас:

    - Да, повелете, вели на грчки. – Трајан Петканов?, прашувам. Се издишува нервозно, и уште еднаш вели на грчки: Повелете? Додека објаснувам која сум, се разбира на македонски, оттаму слушам уште една нервозна воздишка и исклучување на телефонот. Повеќе не беше достапен.

    Немавме среќа ни со Панде Ашлаков, кметот на Овчарани, село кое се наоѓа некаде на средина меѓу Лерин и Воден. До последен момент н` уверуваше дека ќе се видиме и ќе помуабетиме, но по некое време и тој го исклучи својот мобилен телефон. Се упатуваме во најпознатата таверна-ресторан на шеталиштето во Лерин. Се вика „Павлара“, внатре постар маж, пристојно облечен, подготвува печени пилиња. Седнуваме на една од масите, на две други седат луѓе и си разговараат на грчки јазик. Веројатно стариот господин н` слушна што се договараме разгледувајќи го менито, па ни пријде и гласно ни се обрати.

    - Здраво-живо, како сте? Од краткиот разговор со него забележуваме дека му е пријатно што не сретнал, но кога прашавме од каде потекнува, намќоречки одговора: „Од Битола сум, ама никогаш не одам таму. Не сакам, немам потреба, јас сум Грк од оваа Македонија“, вели категорично. Додава дека тука на луѓето не им е важно да бидат Македонци, ами да си бидат тоа што се и да имаат за живеачка. На излегување од ресторанот, наслушнуваме дека со муштеријата разговара на македонски, но тивко, да не чуе никој. Намќоречкиот израз веќе го нема и н` испраќа со насмевка.

    Ги напуштаме празните улици на Лерин. Не ни е јасен тој пустош надвор од центарот на градот, но, од каде пак ние можеме и да знаеме. Сепак, ние сме само „скопјани“.


    Ти си од грчкава Македонија?

    Празните улици и кафулиња во Лерин не беа голем предизвик, па шетајќи по продавниците, влегуваме во аптека. Стариот господин што седи отстрана е сопственикот. На касата работи неговата ќерка. Одлучуваме овој пат директно на македонски да им се обратиме.

    - Добар ден, велам. Младата девојка ме погледнува „на криво“, а сопственикот со широка насмевка возвраќа со „секое добро“. Откако на не многу добар македонски разменуваме неколку збора за тоа што сакаме да купиме, го прашувам од каде е.

    - Од Флорина, вели со насмевка. На ова, неговата ќерка возвраќа: А ти од каде си? - Од Македонија, кусо одговарам.

    - Од грчка Македонија? нервозно потпрашува. И објаснувам дека сум од Македонија, од Скопје, па ~ враќам во иста мерка:

    - А ти на кој јазик зборуваш сега, на македонски? Ги поткрева веѓите и ми вели:

    - На грчко-македонски.

    Си заминуваме откако топло се поздравуваме со нејзиниот татко, чие црвенило на лицето ја оддаваше неговата вознемиреност заради помалку напнатата ситуација.


    Искра Kоровешовска



    Last edited by Niko777; 03-03-2013, 06:36 PM.
Working...
X