Interview with 94 Year Old Macedonian in Greece!

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Niko777
    Senior Member
    • Oct 2010
    • 1895

    Interview with 94 Year Old Macedonian in Greece!

    Преплашени или самоосвестени сите се Македонци

    Иако деновиве во Леринско со радост се одбележува Илинден, сепак сите муабети меѓу илјадниците Македонци од овој крај завршуваат со солзи и со приказни за разделените и прогонетите




    Пандо А. на 90-годишна возраст договорил издавач во Битола да му ја отпечати автобиографијата со политичките услови во борбата за самостојна Македонија во текот на Втората светска војна

    Потрага по корените во леринско

    Македонците од Егејска Македонија сé уште немаат свој вистински дом, но имаат гробишта насекаде. Таков заклучок наметнуваат стотиците животни приказни на Македонците, кои изминативе два дена ги чувме во леринскиот регион во северна Грција. Иако овие денови таму се денови на радост, оти се слави и се одбележува Илинден, сепак сите муабети меѓу илјадниците Македонци од овој крај завршуваат со солзи и со приказни за разделени мајки и деца, братучеди што иако се средовечни никогаш не се виделе, за затворите на Касандра, Пелопонез, Беаскуле во Солун и за мачењата од грчките антарди (полициска служба што ги гонела Македонците за време на Граѓанската војна), за убиените, протераните...

    Сепак, има одредени прашања што во животните приказни на овие луѓе или воопшто не се поставуваат или ако се постават - не се одговараат. Такви се темите за идентитетот: македонски или грчки, за сегашната асимилација од официјална Атина и за потребата од посебни права, како образование на мајчин јазик или формирање македонски културен дом, на пример.

    Непријатни се и темите за имотите и нивното враќање, што дополнително ги оптоварува и онака оддалечените роднински односи меѓу тамошното македонско население и оние што биле протерани од таму и сега живеат во Република Македонија.

    Страв во коски

    Освен поради традиционалната средба во Овчарани, имав и личен предизвик во ова патување: докрај да ги разјаснам сопствените корени по мајчина линија. Во два дена ги посетивме Лерин и десетина села, меѓу кои Ники, Калиник, Секулево, Неокази, Крошоради, Баница, П’пжани, сé до Овчарани (ова се македонските топоними на селата, кои имаат други грчки имиња). Разговарав со над 50 луѓе и влегов во повеќе од 10 куќи на Македонци - што роднини, што луѓе кои откако среде пат ќе им проговорите македонски веднаш ве канат да им влезете вкуќи. Од две причини. Првата, дека им е страв јавно на улица да зборуваат на македонски јазик, иако сите во селото се Македонци, зашто тоа до пред десетина години беше забрането и водеше во затвор поради обвинувањата дека го рушите грчкиот државен систем. Таквите, освен официјалната казна, ги снаоѓаше и социјален геноцид: ја губеа можноста да се вработат и да напредуваат во кариерата, а се случувале дури и киднапирања на малолетни деца. Втората причина поради која ве канат во нивниот дом е чисто човечка: да ве угостат оти сепак имате заедничко потекло и му припаѓате на ист народ.

    Но дури тогаш се отвораат страшните приказни.

    - Со моите роднини најчесто разговарам за Граѓанската војна и за учеството на мојот дедо. Тој беше во Макронисот (најозлогласениот логор за време на војната). Постојано се опишуваат тие доживувања, страдањата негови и на семејството, особено детството на мојата мајка, која израсна како сирак, одгледана од нејзините баба и дедо. Ако денес постојат жртви на комунизмот, тогаш како да ги наречеме овие жртви и ова загубено детство - прашува Димитар Љоровски Вамваковски, магистер по историја од Скопје, кој, како и мене, тргнал да си ги бара корените во Егејска Македонија.

    Крушево во соништата

    Мојот подалечен дедо, Пандо А., 94-годишник, раскажува како во 1945 година цела година ја поминал во Вардарска Македонија, борејќи се во тетовско-гостиварскиот регион. Бил и на Скопското кале, но откако наместо на солунски паднала наредбата за сремски фронт, се вратил во долниот дел на Македонија. Поради децата и нивната иднина, за „да се торат луѓе“, како што вели, се вратил во Грција, каде што му се наоѓал целиот имот.

    - Сакаа да ме осудат на смрт, седум години ме судеа, но не можеа да ми најдат ништо. Лоши години, ниту ми се лафе, ниту сакам да се потсетувам - вели дедо Пандо.

    Неговите деца навистина се сториле луѓе - сите стигнале до високи позиции во грчката администрација. Приказните на татко им не ги слушаат со радост, ниту сакаат да го отвораат идентитетското прашање. Тој, пак, пред некоја година, кога бил сé уште витален, скришно од нив, додека тие пазареле во Битола, договорил издавач да му ја отпечати автобиографијата, во која се раскажани политичките услови во борбата за самостојна Македонија во текот на Втората светска војна, но и актуелните грчки притисоци. Дедо Пандо, во името на тоа дека ги живее последните години од животот, го натерал сина си на два часа да го донесе во Скопје за да запали свеќа на гробовите на своите браќа и сестри. Особено е горд на спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев. Поради страв да не му префрлаат синовите, испраќајќи нé до автомобилот со шепот ни вели:

    - Остајте го овој мојот. Држава без историја не бива. Како направија Грците, во секое село ставија паметник, и тоа на некоиси нивни херои од Мала Азија. А кажи колкав е Александар, го исправија ли? Ако сум арен, ако ме држат нозете, есента ќе одам до Крушево, морам да го видам како сте го средиле Мечкин Камен.

    Тој и мојот пребеган дедо Стефо Јадров од с. Секулево, Леринско, еден период заедно ги поминале своите партизански денови токму во Македонија. Дедо ми, за разлика од Пандо А., не подлегнал на грчкиот притисок и решил да не се враќа никогаш повеќе во Грција. Не можел да им прости на Грците што ги затвориле и измачувале зашто јасно нагласувале дека се Македонци, а не „вулгари“, како што ги нарекувала тогашната власт.

    Најпрво ги мавале по бубрезите, а потоа им ги кубеле мустаќите и брадата сосе кожа. Пријателот на дедо ми не преживеал, а тој, со лице облеано во крв, пребегал од другата страна на границата, како и стотици илјади други Македонци. По неколку дена тоа го сторила и баба ми, заедно со вујко ми, кој тогаш имал пет години, и со тетка ми на неполна година.

    Дедо ми и претходно бил затворан во солунско Беаскуле и во затвор во Пелопонез. Успеал да побегне од Пелопонез и од таму пеш 40 дена патувал до својот дом во Леринско. Мајка ми не запира да плаче кога случајно на гости го среќава синот на убиениот пријател на дедо ми. Тој се приспособил на условите во Грција, но јавно кажува дека е Македонец и дека Грците направиле геноцид врз ова население.

    - Одвај чекам да влезете во Европска Унија и сé да се отвори, сé до Солун. Да си бидеме пак сите наши - раскажува тој.

    Мојата втора братучетка (20 години), која само што завршува Педагошки факултет, одлично говори македонски јазик на леринско-битолски дијалект. До пред три години знаеше само неколку збора. Македонскиот го научила оти, како што вели, сфатила дека тоа е јазикот на нејзините баба и дедо, но и поради тоа што и треба да се разбере кога ги посетува бутиците и козметичките салони во Битола, каде што е многу поевтино отколку во Лерин, Воден и во Солун. Ако ја прашате што е по националност, збунето ќе кажува и Македонка и Гркинка. Свесна е дека со таквиот одговор нешто не е во ред, па и таа пред извесно време направила потрага по корените. Слушајќи ги приказните за антиквизација и за спорот меѓу Македонија и Грција, за споменикот на Александар на македонските телевизии (чиј прием е достапен некаде до понатаму од Лерин) и на грчките медиуми, неодамна ги посетила Вергина и Пела. Во септември, вели, ќе дојде во Скопје за да види дали на античките артефакти најдени на овој дел од Македонија се испишани грчки букви или е користено некое друго писмо.

    Сепак, повеќедецениската репресија оставила траги. Кога од Калиник, селото каде што слободно се говори македонски јазик, отидовме на ноќна забава во Лерин, иако бевме излезени со нејзини другарки, сите со македонско потекло и сите со познавање на македонскиот јазик, таа почна да ми се обраќа на англиски.

    Видови и подвидови Македонци

    Иако од големиот егзодус и силната асимилација на македонското население од овој дел на сегашна Грција се поминати повеќе од 62 години, сé уште малку Македонци отворено ќе ви признаат дека нивното потекло е македонско и дека со Македонците од Република Македонија се ист народ. Наспроти роднинската поврзаност, истиот јазик, истите културни вредности и обичаи. Наместо разумот, проработува стравот. Затоа не е чудно со часови на македонски јазик да правите муабет со локалното население за економската криза во Грција, за тоа како се роднините што одамна не сте ги виделе, кој од селото се оженил, кој починал, кој каде заминал или се вратил од печалба. Но ако ги прашате дали читаат „Нова зора“ (весникот на Македонците во Грција), зошто не ги учат младите да говорат македонски јазик, што мислат за тоа што Грција и го прави на Македонија, не е чудно да го одбијат натамошниот тек на разговорот.

    Оние, пак, што поради роднинската врска се чувствуваат обврзано да одговорат, тоа го прават тивко и со метафори. Некои јасно велат дека се чувствуваат како Грци и дека, иако сте роднини, немате заедничка врска. Македонците од оваа страна на границата неретко сé уште ги именуваат Југословени, иако такво нешто во последниве 20 години не постои. Независноста на Македонија ја коментираат како колатерална последица од распаѓањето на Титова Југославија поради интересите на Србија и Хрватска.

    - Грчката политика го направи своето. Сега имаме секакви Македонци тука, од најлош до најдобар вид. Имаме преплашени, прогрчки, антички, кои никако не признаваат некаква поврзаност со оние Македонци во Република Македонија, но сé почесто имаме и самоосветени Македонци, на кои им е јасно дека живеат на грчка територија, дека се грчки државјани, но и дека се посебен етнички ентитет, поврзан со Македонците кај вас, а кои поради историските состојби сега се наоѓаат во Грција - коментира Павле Васкополус од партијата на Македонците во Грција, Виножито.

    По часови поминати во отворање на приказните од времето на илинденскиот период за дедото комита што се борел против Турците или за убиениот татко за време на Граѓанската војна, на крајот сите признаваат дека се Македонци. Последнава година тоа е и многу полесно поради променетите внатрешни односи во Грција. Охрабрувањето на Македонците јавно да си го искажат идентитетот и да ги побараат своите права се случува поради сé поорганизраниот настап на Виножито и на меѓународните организации за човекови права.

    Стравот од официјалните грчки власти го релативизира и економската криза во Грција. Едно, зашто населението во нејзиниот северен дел главно се занимава со земјоделство и не е егзистенцијално загрозено. Второ, зашто владата на Папандреу, оптоварена со силни социјални безредија и со неефикасните мерки за враќање на надворешниот долг, заборава на традиционално строгата грчка политика кон нејзините малцинства.

    Автор: Катерина Нешкова


    LINK: http://www.novamakedonija.com.mk/New...tIzdanie=22337
    Last edited by Niko777; 07-22-2011, 11:01 PM.
  • Niko777
    Senior Member
    • Oct 2010
    • 1895

    #2
    Can someone please help me translate this in English, I tried Google Translate but there are many mistakes. Your help will be appreciated! I want to send this article to everyone I know, including family, many who can't read Macedonian
    Last edited by Niko777; 07-22-2011, 10:49 PM.

    Comment

    Working...
    X