PDA

View Full Version : Колку е македонски Александар Велики?


Dimko-piperkata
03-11-2009, 06:27 AM
http://www.novamakedonija.com.mk/images/Editions/21635%20663/alxmocu.jpg

Македонскиот народ живеел со легендите за Александар Македонски малку подолго отколку што траат мандатите на една наша влада и нејзините скапо платени аматерски спотови или 20-те дена на една изборна кампања во кои ќе се спротивставуваат обвинувањата и одбраната за т.н. антиквизација на Македонија. За тоа сведочат не мал број истражувања, како и зачуваните народни преданија и песни за славниот војсководец, кои, по логиката на тие што тврдат дека Александар Македонски ни е сега инсталиран, не би требало воопшто да ги има.

Пред некои 160 години, поточно во периодот 1844-1845 година, Царството Русија во Македонија го испратило Виктор Иванович Григорович во улога на фолклорен истражувач. Во тоа време, всушност, таква или слична улога (на пример, собирач на пеперутки) имале низа странски емисари чија задача, со денешен термин кажано, била разузнавањето. Уште тогаш, за посетата на Македонија, Григорович запишал: „Јас не слушнав други имиња, освен имињата на Александар Велики и Крале Марко“.

Песна од слепиот

Неколку години по него, во Македонија доаѓа Србинот Стефан Верковиќ со слична функција како и Русинот. Девет години поминува во талкање по нашите градови и села и, меѓу другото, забележува една песна за Александар Македонски, веројатно составена врз основа на преданијата што со векови се пренесувале меѓу генерациите. Песната е забележана некаде во 1862 година, а на Верковиќ му ја испеал Јован Михајлов, талентиран слеп пејач од серското село Броди (селото е познато по тоа што во него живеел Андреј Хрлев, човекот за кого Даме Груев вели дека го предал Гоце Делчев). Кирил Пенушлиски во своите студии за македонскиот фолклор вели дека всушност станува збор за две варијанти на песната, со тоа што нивното потекло и старост не се познати. Еден наш научник, кој ја проучува истата материја, а кој поради општата атмосфера во Македонија кога станува збор за Александар Македонски одби јавно да зборува, вели дека можеби станува збор за импровизација врз основа на преданија и легенди, со цел од Верковиќ да биде наплатен трудот. Како било, песната е прилично интригантна, а заедно со шесте преданија меѓу Македонците за Александар Велики (првото забележано од браќата Миладиновци, второто од Кузман Шапкарев) покажува дека војсководецот живеел меѓу обичните луѓе на овие простори и две илјади години по неговата смрт.

Патем, интересно е што од песната произлегува дека Филип Втори не му е татко на Александар. „Чедо си нема цар Филип, чедо си нема девет години, жалба му е останало, останало дур до Бога“, испеал слепиот Михајлов. Филип заминал да војува цела година, но пред да тргне и порачал на сопругата Олимпија дека кога ќе се врати сака да види машко новороденче. Така, во имагинацијата на народот влегува еден билкар што ја излечил Олимпија, по што се раѓа Александар, нормално, со прстен на раката.

Интересно, Верковиќ вели дека „корените на Словените се наоѓаат во антиката“, теза што кај нас била и е отфрлана како бесмислица (на што и се спротивставува „издржаната“ теза за цевчињата со кои истите Словени го минувале Дунав), но која денес наоѓа нови приврзаници, пред с меѓу тие што сметаат дека преселбата на народите во 6 и 7 век одела од југ кон север, а не обратно.

Кресненското востание и Александар

Слична реченица се среќава и кај Ѓорѓија Пулевски, во неговата Славјаномакедонска општа историја. Пулевски пишува дека царот Филип и царот Александар се Славјани и дека „наши баби Славјанки ги родиле“. Гледано од фолклорен аспект, научната подлога на ваквите становишта не е ни битна, зашто тоа не го менува фактот за присутноста на Александар во свеста на народот, кој дури се обидел да најде решение за некои прашања што последниве месеци кај нас се предмет на расправа.

Сето тоа всушност само покажува дека македонскиот фолклор поврзан со Александар Велики има постари корени, а тоа што отсуствуваат повеќе пишани записи, во секој случај, се должи на други околности.

Посебно место во народната свест за Александар Македонски има неговата потрага по т.н. „жива вода“ од која се станувало бесмртен.

„Цар Александар сакаше да одит, да ја земит бесмртната вода. Но кој одеше, никој не се враќаше назад“, вели преданието запишано од Шапкарев. Александар ја пронашол водата, но сестра му го скршила шишето, по што побегнала, се фрлила во море и се претворила во делфин, кој, кога ќе го чуе името Александар, се крие во морските длабочини.

Кресненското востание од 1878 година својата подлога исто така ја бара кај славниот војсководец. Уставот на востанието, односно неговиот правилник, кој по својата габаритност не мора да се срами дури ни од „славниот“ Устав на СФРЈ од 1974 година, во членот 1 буквално вели: „Со нашата крв што ја пролеваме во планините и горите македонски, ние служиме како македонска војска на Александар Македонски за слободата со нашата девиза ‘Слобода или смрт‘“.

Бугарската историја, па и понекој во Македонија, сметаат дека Правилникот е фалсификат, становиште што досега посолидно не е аргументирано. Но дури и да е така, тоа не го негира очигледното сознание дека наводниот фалсификатор сметал оти на документот ќе му даде поголема веродостојност ако во споменатиот член го вметне и Александар Македонски. Зошто би го правел тоа ако војсководецот бил туѓ на тоа време и на македонскиот народ?

Ова е само мал избор од присутноста на Александар Македонски во колективната свест на народот од овие простори. Кога сето тоа ќе се погледне, попрво се заклучува дека во периодот по 1945 година тој вештачки бил отстранет, отколку што може да се каже дека сега вештачки му се поттурнува на Македонецот. „Фолклорниот лик на Александар Македонски... с уште е неоткриен“, вели нашиот научник Танас Вражиновски во своето дело „Македонски историски преданија“ (1992 година). Сосема друга е приказната што денешното враќање на војсководецот меѓу народот се прави на начин што кај еден неутрален дел од јавноста создава нов анимозитет кон личноста што очигледно сосема природно била всадена во свеста на луѓето.


Шапкарев: Татко ми ми раскажуваше за царот

Кирил Пенушлиски во своите Студии и прилози за македонскиот фолклор го запишал и следното: „Освен овие шест преданија и песната, драгоцени информации за популарноста на Александар Македонски во нашиот фолклор оставиле нашите големи собирачи К.А. Шапкарев и Марко К. Цепенков. Така, Шапкарев кон кичевската приказна ‘Доброто (арното) никој пат не гинат‘, во која е вграден и мотивот за живата вода, во фуснота забележал: ‘Покојниот ми татко во детството наше ни раскажуваше многу прикаски, меѓу кои и некои за Марко Крале и за цар Александар - Александар Велики, во кои исто така се споменуваше живата вода што овие јунаци ја пиеле, та божем станувале бесмртни’“.
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=2&fCat=1&EditionID=338&top=1&ArticleID=19986