MANU (2000): Za Nacionalnite Malcinstva i Visokoto Obrazovanie

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • indigen
    Senior Member
    • May 2009
    • 1558

    MANU (2000): Za Nacionalnite Malcinstva i Visokoto Obrazovanie

    МАНУ
    Отворањето посебно државно високо образование за малцинствата е историска грешка и води во распаѓање на државата

    -------------------------

    Македонската академија на науките и уметностите смета дека е неопходно да го изнесе пред јавноста својот став за горливото прашање за правата и обврските на националните малцинства, па и за високото образование на јазикот на малцинствата во нашата држава, бидејќи се работи за суштинско прашање што го тангира опстанокот на македонската држава и на македонскиот народ воопшто.

    По опстојното разгледување на сите аспекти на проблемот во национални и во меѓународни релации, се констатира дека македонските научни институции, па и МАНУ, немаат посветено соодветно внимание на комплексното проучување на состојбите, правата и обврските на националните малцинства кај нас и во соседството.

    Земајќи ги предвид минатото и сегашноста на балканските, па и на европските народи и држави, лесно се воочува дека сите тие според својот етнокултурен состав се мултиетнички, мултиконфесионални и мултикултурни. Но, во сите нив правата и слободите на малцинствата не може да ги надминуваат меѓународно прифатените стандарди, ниту пак да се појавуваат нереални барања и да се поставуваат неприфатливи услови и со тоа малцинствата да стануваат фактор за дестабилизација на државата. Со доследното почитување и спроведување на уставните и законските норми се овозможува еднаков однос кон сите граѓани и се одзема просторот за незадоволства и непримерени претензии.

    При третманот на прашањето за албанското национално малцинство мора да се има предвид дека Република Македонија граничи со мошне дестабилизираната Република Албанија и со веќе многу албанизираното (формално се уште југословенско) Косово (со уште неизвесна состојба и перспектива). Притоа не треба да се заборава и неодамна официјално прокламираната „општонационалнаПлатформа за решавање на албанското национално прашање во балкански рамки со нескриени претензии за приопштување и на голем дел од територијата на Република Македонија. Но при сето тоа треба да се предочи дека и во Република Албанија, како впрочем и на Косово, постои многубројно македонско национално малцинство, дека тоа како колективитет живее од двете страни на речиси целата албанско-македонска и косовско-македонска граница (а во групи или поединечно растурено по целата територија на Албанија), при целосно отсуство на елементарните човекови и малцински права и слободи, освен во крајно редуцирана форма кај малобројната христијанска македонска енклава во областа Долна Преспа.

    Имајќи предвид дека и зад границата со Грција и Бугарија живеат делови од поделениот македонски народ, а слична е геополитичката и демографската ситуација и на целиот балкански простор, заради релаксирање на меѓунационалните и меѓудржавните постојани тензии и за создавање клима на општа доверба помеѓу и во државите сосетки, неопходно е договорено потпишување на заедничка меѓународно гарантирана декларација за односот, правата, слободите и обврските на државите и на малцинствата во Југоисточна Европа. Предложената конвенција во Собранието на Македонија е само почетен чекор за комплексното регулирање на малцинското прашање на Европскиот Југоисток.

    Имајќи ја предвид ситуацијата во Република Македонија и постојаните притисоци што организирано ги создаваат партиите на албанското национално малцинство, треба да се тргне од реалниот историски етнокултурно дефиниран статус на македонскиот народ и од уставните и законските одредби за задолжително познавање и употреба на службениот јазик на државата. Правото за образование на мајчиниот јазик на малцинствата е неопходно да се сообрази со нормативите во меѓународно усвоените акти и посебно во духот на Рамковната конвенција за правата на етничките малцинства. Бидејќи образованието во средните стручни училишта и во високите школи претставува непосредна подготовка за вработување и тоа на целата територија на државата, пројавените барања за реализација на настава во овој сегмент од образованиот процес на јазикот на одредено малцинство се нефункционални и политички мотивирани.

    Настојувањето на партиите на албанското национално малцинство за отворање универзитет на албански јазик всушност воопшто не е образовен проблем, туку израз на стремежот за реализација на прокламираните определби за решавање на „албанското национално прашањена Балканот, а со тоа и за разбирање на интегритетот на македонската држава. Доцнењето на донесувањето на Законот за високото образование создава само поволни услови за пројавување аспирации за радикално решавање на проблемот.

    Како во секоја цивилизирана држава, и во Република Македонија со образовно-воспитниот процес треба да се гради македонски патриотизам. А за да се обезбеди единствено и еднакво квалитетно образование и воспитание на граѓаните во државата, учебниците во нашите училишта по сите предмети треба да бидат единствени (на мајчиниот јазик). Притоа мора да се исклучи директното мешање на политичките партии во образовно-воспитните институции, како и во образовно-воспитниот процес воопшто.

    Бидејќи никаде во светот етничките малцинства немаат и високо образование на мајчиниот јазик и не постои ниеден меѓународен релевантен документ што задолжува за воведување и такво образование (често наведуваните примери со Финска, Швајцарија, Белгија и Романија имаат сосем поинаква историска подлога!), македонската држава ќе направи непоправлива историска грешка ако озакони отворање посебно државно високо образование на јазиците на националните малцинства. Тоа не само што е економски неоправдано, туку и неминовно ќе води кон федерализација, дезинтеграција и распаѓање на државата.

    Македонската академија на науките и уметностите чувствува потреба да укаже дека при решавањето на ваквите деликатни прашања треба да се има и поширока претстава за состојбите на малцинствата во светот или барем во европски и посебно во балкански релации, заради што и го приложува следниов преглед: Во често наведуваната Република Романија на пр., како национални малцинства живеат 2.406.519 жители (Унгарци, Германци, Украинци, Руси, Турци, Срби, Татари, Словаци, Бугари, Евреи, Чеси, Полјаци, Хрвати, Грци и Ерменци), а само унгарското малцинство брои 1.620.199. Во Латвија, Латвијци се само 1.388.000 (52%), а другите се Руси (907.800 или 34%), Белоруси, Украинци, Полјаци, Литванци, Евреи и други. Естонија има вкупно 1.566.000 жители, од кои само 963.000 (61,5%) се Естонци, а 474.500 (30,3%) се Руси, додека со помала бројност се застапени Украинците, Белорусите, Финците, Евреите и др. Во главните градови на овие држави (Рига и Талин) повеќето од половината жители се Руси, а во некои градови Латвијците и Естонците стигнуваат одвај до 10-20%.

    Република Полска не води посебна статистика за националните малцинства и спроведува „политика на хомогенизација но со истражувања е утврдено дека во оваа земја, покрај сите прогони и преселби по Втората светска војна, и денеска, покрај Полјаците, живеат и: Германци (400-500.000, по емигрирањето на 424.000 во Германија), Украинци (250-350.000), Белоруси (200-300.000), Кашуби (150.000), како и Литванци, Словаци, Чеси, Евреи и други. Република Чехија исто така се смета етнички хомогена европска држава, но во неа, според пописот од 1991 година, граѓаните се изјасниле како Моравци (1.356.267), Словаци (308.296), Полјаци (58.573), Германци (47.789), Шлезијци (44.025), Роми (33.489), како и Украинци, Руси, Бугари, Грци, Русини, Романци и др. Не е поинаква состојбата и во Република Словакија, во која, според пописот од тоа време, живеат и: Унгарци (566.741), Роми (80.627, но се претпоставува дека реално набројуваат над 250.000), Чеси (53.422), Русини (16.900), Украинци (13.800), а исто така и Германци, Моравци и Полјаци. А Полска и Чехија се меѓу првите кандидати за прием во ЕУ и никој не ги апострофира како мултидржави.

    СР Југославија (и посебно Република Србија) претставува уште поголем мозаик од бројни и официјално признати етнички малцинства (Албанци, Унгарци, Романци, Црногорци, Хрвати, Словаци, Бугари, Русини, Македонци, Власи и др.), чија бројност денеска, по сите турбуленции на овие простори, се уште не е точно утврдена. За разлика од неа, Република Бугарија се декларира како „еднонационална држава но во неа, според официјални податоци од 1985 година, живееле само 20,2% разни национални малцинства: Турци (со импозантна бројка од најмалку 900.000 жители), Македонци (според пописот од 1946 година 252.908, во 1956 бројот се смалува на 178.862, а во 1965 се регистрирани само 8.750, иако реалната бројка е повеќе од 200.000), Роми (околу 450.000), како и Власи, Грци, Руси, Ерменци, Албанци, Татари, Гагаузи и Черкези.
    Нашиот западен сосед Република Албанија во принцип (уставно) признава национални малцинства, но при пописите на населението сите не-Албанци ги регистрира како „други кои, според пописот од 1989 година верификувано се знае дека во оваа држава живеат знатно поголеми етнички малцинства: Грци (околу 400.000), Македонци (120-250.000), Власи (околу 35.000), како и Роми, Црногорци, Срби, Евреи, Ерменци и други.

    Членката на Европската Унија, Република Грција, се води како „еднонационалнадржава, бидејќи не признава национални малцинства како статус во државата и ниту ги потпишува, ниту пак ги почитува сите меѓународни акти за човековите и националните малцински права и слободи. Се знае, меѓутоа, дека во границите на јужниот сосед живеат големи етнички малцинства како колективитети: Македонци (200-350.000), Турци (100-120.000, официјално заведени како „Муслимани, Албанци (околу 300.000), Власи (до 600.000), Роми (околу 140.000), а како индивидуални граѓани и: Ерменци, Евреи, Бугари и др. Исто така и Република Италија се смета етнички похомогенизирана европска држава, иако и во неа врие духот на етничкиот сепаратизам, а како признати национални малцинства живеат бројни колективитети: Германци/Австријци, Словенци, Французи, Хрвати, Грци, Латини и Албанци (последниве дури со над 300.000 жители!).

    Според тоа, нема посебно оправдување мултиопределбите да и се припишуваат само на Република Македонија. Во неа, според пописот спроведен под меѓународна контрола во 1994 година, националните малцинства набројуваат вкупно 33,5% од жителите во државата (Албанци 22,9%, Турци 4%, Роми 2,3%, Срби 2%, Муслимани 0,8%, Власи 0,4% и други 1,2%). Почитувајќи ги постојните и од неа ратификувани меѓународни документи, Република Македонија мора да си обезбеди статус на европска држава, еднаква и рамноправна со сите соседи.

    (Интегрален текст од обраќањето на Македонската академија на науките и уметностите; насловот е редакциски)


    For fair use only

    Makedonska akademija na naukite i umetnostite

    ZA NACIONALNITE MALCINSTVA I VISOKOTO OBRAZOVANIE
    http://www.makedonskosonce.com/broev...11/Tekst16.htm
Working...
X