Ова е Република Македонија

Collapse
X
 
  • Filter
  • Time
  • Show
Clear All
new posts
  • Dimko-piperkata
    Senior Member
    • Sep 2008
    • 1876

    Ова е Република Македонија

    Се' попровидна е реториката на Грција која се базира на создавање виртуелни непријатели и проблеми

    Република Македонија, која по распадот на СФРЈ се здоби со независност, во изминатите 17 години, на патот на своето опстојување и етаблирање како држава, се соочи со голем број пречки и тешкотии, при што вложуваше големи напори да си обезбеди свое место на меѓународната сцена. Но, неизбришлив е впечатокот дека на секој чекор по овој пат полн со трње, Македонија неизбежно се судираше со пречката наречена Грција. Со други зборови, Грција со помош на меѓународната заедница како да и' стана судбина на Македонија.

    Така, во спорот околу името, Грција и натаму е упорна во својата заложба да не дозволи Република Македонија со светот да комуницира со нејзиното уставно име, што е парадокс и преседан во меѓународните односи. Оваа заложба на нашиот јужен сосед не завршува само со неприфаќањето на уставното име на нашата држава, туку засега длабоко во националното ткиво на македонскиот народ, оспорувајќи го неговиот националниот идентитет. Во таа своја „кауза“, Атина ги употребува сите дозволени и недозволени средства. Еклатантен пример е самитот на НАТО во Букурешт, кога го попречи приемот на Македонија во овој воен сојуз.



    Македонија не случајно стана кандидат за прием во НАТО и земја-аспирант за прием во ЕУ. Впрочем, водејќи се од тој факт, како и од улогата на Република Македонија, која како земја претставува значаен чинител во стабилизацијата на Балканот, некои земји-членки на ЕУ ги поддржуваат нејзините напори да се интегрира со евроатлантските структури. Во прилог на тоа може да се спомне ставот и изјавата од пред неколку дена на претседателот на Полска Лех Качињски, кој на средбата со македонскиот колега Бранко Црвенковски отворено даде подршка на напорите на нашата земја за интеграција со ЕУ и НАТО. Сепак, со жалење треба да се констатира дека градењето став околу македонското прашање кај земјите-членки на Унијата обично се случува под политички влијанија внатре во ЕУ и во НАТО. Кога сме веќе тука, не е излишно да се потенцира дека Македонија е во подобра позиција во имплементацијата на политичките, па и економските услови за влез во овие структури, визави некои земји кои се примени во Унијата уште пред пет или десет години. На дел од земјите-членки на ЕУ ова им е добро познато, па се залагаат за прием на Македонија.

    Грција стана „славна“ и позната по тоа што умее да фингира проблеми без проблем, кои потоа создаваат тензични состојби на меѓународен план. Политичката номенклатура во Атина сигурно дека е свесна за позицијата во која се наоѓа Македонија. Но, таа и понатаму е решена да истрае на својата тврдокорна политика кон нас. Затоа би било преоптимистички да се очекува дека Грција во скора иднина би можела да го промени својот став околу македонското прашање. Зашто, доколку се случи тоа, тогаш ќе се демаскира долгогодишната реторика на грчките политичари, базирана најчесто на виртуелна матрица. Во прилог на тоа може да се посочат примери. Така, Грција долги години кај својата јавност Турција ја прикажува како закана и ја смета за земја-непријател, а Македонија како држава која не постои. Сепак, радува тоа што народот во Грција, иако полека, веќе почнува да реагира на оваа реторика на Атина, чиј лајтмотив е своите соседи да ги прикаже како непријатели, се разбира, виртуелни.

    Уште повеќе радува податокот што на овие реакции во Грција се' почесто се вклучат и познати имиња, поранешни дипломати или пензионирани лица од воениот естаблишмент на нашиот јужен сосед. На пример, во неодамна објавената книга „Оставајќи ја униформата“, еден од поранешните команданти на грчката морнарица Андонис Андонијадис отворено признава дека во Грција владее реторика која се темели на лаги и измислици против Турција. Книга предизвика жестоки расправи во Грција. Да потсетиме дека во политичките кругови во Грција се' уште се водат жестоки расправии околу случајот на Григорис Валјанатос, кој деновиве е исклучен од редовите на опозициската партијата ПАСОК само затоа што во централните вести на еден ТВ-канал изјави дека Грција треба да ја признае Македонија под уставното име, повикувајќи и на почитување на правата на македонското малцинство во оваа земја. По ваквиот јавно изнесен став на својот сопартиец, лидерот на ПАСОК, Папандреу, за кого некои кругови и овде во Македонија сметаа дека е попрагматичен политичар наспроти политичката гарнитура на десницата, ја осуди неговата изјава и по кратка постапка го исклучи од партијата. По тој повод, реагираше дури и Хелсиншкиот комитет на Грција, обвинувајќи го Папандреу за популизам, за воведување самоцензура и за превртливост. Значи, кога се во прашање односите меѓу нашата земја и Грција, несомнено е дека тие треба да бидат добрососедски. За жал, од Грција не може да се очекува ваква конструктивност.



    Неодамна се случи еден значаен настан кој може да влијае врз иднината на македонско-грчките односи. А тоа е изборот на Барак Обама за претседател на САД. Се поставува прашањето дали ќе се случи пресвртница и евентуално за каква пресвртница станува збор? Факт е дека грчко-македонскиот спор околу името е заглавен. Дали и кога ќе продолжат преговорите е тешко да се претпостави. Но, не е тешко да се претпостави дека одлучувачки фактор за текот на преговорите и признавањето на Македонија под уставното име од страна на Атина во голема мера ќе зависат од ставот на САД, односно нејзиниот нов претседател. Поради тоа, голем дел од јавноста во Македонија е загрижен, бидејќи за време на изборната кампања, грчкото лоби во Америка штедро го помагаше Обама. Па, сосема е нормално да се очекува новиот претседател на САД да се стави на страната на Грците.



    Треба да се потсети дека Македонија за краток период измина пат полн со непремостливи пречки и сопки. Како земја која излезе од урнатините на еден друг поредок, по осамостојувањето се соочи со опасни искушенија, па дури и со внатрешен конфликт. Но, и покрај овие искушенија, таа стана пример и модел за мултиетничност и мултиконфесионалност, посебно за своето опкружување, но и пошироко. Овој податок ни дава право да очекуваме дека Македонија ќе истрае на тој пат. Дотолку повеќе што денес веќе не само Македонците, туку заедно со нив и Турците, Албанците и другите етнички заедници веќе покажаа дека заеднички ќе ја водат оваа битка со намера да се стигне до целта. А тоа е воспоставување мир, соработка и добрососедски односи на Балканот и пошироко, како и одлучност за зачувување на овој мултиетнички модел во кој ќе доминира граѓанскиот концепт над националниот. Така, Македонија успешно ќе се одбрани дури и од ваквите наметнати и виртуелни проблеми и спорови од Грција.

    Затоа, слободно може да се рече дека дури и по цена Македонија да не биде членка на ЕУ, па дури и по цена Грција да ја добие поддршката на САД во спорот за името, Македонија вечно ќе остане и ќе опстојува како Република Македонија. Од прости причини што ова е Република Македонија, му се допаѓало тоа некому или не.

    (Авторот е новинар)
    1) Macedonians belong to the "older" Mediterranean substratum...
    2) Macedonians are not related with geographically close Greeks, who do not belong to the "older" Mediterranenan substratum...
Working...
X